ФФФ Караван 2017

ФФФ Караванот го претставува патувачкото кино на Филозофскиот Филмски Фестивал кое, по завршувањето на Главната програма на Фестивалот во Скопје (во втората половина oд април/почетокот на мај), во обид за децентрализација на дел од културата од главниот град, се обидува да донесе дел од програмата и атмосферата на ФФФ и во неколку градови на Македонија.

Како и минатите две години, во 2017 година ФФФ Караванот по програмата во Скопје заминува за неколку градови во Македонија: Штип, Свети Николе, Прилеп и Битола. Настаните се организирани во соработка со локалните соработници и организатори на ФФФ: Филмската академија при УГД Штип, МСУ „Г.Р. Державин“ – Свети Николе, Дебатно кино „Контра Кадар“ – Битола и филозофскиот портал „Акиндин во Прилеп.

Првата станица на патувачкото кино на 7. Филозофски Филмски Фестивал е Штип со две филмско-философски вечери во соработка со Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. На 19-ти април (среда) и 20-ти април (четврток) со почеток од 20.00 часот на УГД Штип ќе се одржат проекции на победничките филмови од ФФФ 2017, како и студентскиот филм кој беше изработен во рамките на Работилницата за авторски филм во Едукативната програма на Фестивалот. Деталната програма се наоѓа тука, а влезот за сите проекции е бесплатен.

По прикажувањето на победничките филмови на ФФФ 2017 на Филмската акдемија во Штип, во петок (21 април 2017) закажуваме средба во Свети Николе на наредната станица од ФФФ Караванот. Настанот се одржува во ко-организација со нашите соработници Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“. Денот го започнуваме со работилницата „Вовед во филм – Како настанува филмската слика?“ со режисерката Ана Опачиќ наменета за учениците од СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ од Свети Николе. Работилницата ќе се одржи во попладневните часови во просториите на МСУ Державин. Истата вечер, ќе ја пречекаме пошироката публика во Свети Николе со проекција на култниот филм на Орсон Велс „Граѓанинот Кејн“, а по проекцијата на филмот проф. д-р Љубомир Цуцуловски ќе го повтори излагањето од отворањето на Фестивалот,  на тема „Навраќање“ инпирирано од филмот. Како по секоја од проекциите на Фестивалот, на крајот од вечерта е планиран дискусија со публиката.

По првите две станици од рутата во источниот дел на Македонија – Штип со победничките филмови на Фестивалот и Свети Николе со „Граѓанинот Кејн“, наредната недела  ФФФ Караванот ќе се упати кон Прилеп и Битола каде ќе бидат организирани две филмски проекции проследени со дискусија со публиката и работилница за средношколци во Битола.

Во вторник (25 април) се гледаме со прилепската публика во Градската библиотека „Борка Талески“ во коорганизација со македонскиот филозофаки портал „Акиндин“. Во Прилеп гостинка ќе биде проф. д-р Јасна Котеска која по проекцијата на „Бранот (Die Welle)“ на Денис Генсел ќе отвори дискусија со публиката на тема „Бранот: Човечката психологија и авторитарноста“. Место и време на случување: Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп, 19.00 часот.

     Наредниот ден, во среда (26 април) ќе се упатиме кон Битола. Денот ќе го започнеме со  работилница за средношколците од Државното музичко училиште во Битола на тема „Вовед во филм – Како настанува филмската слика?“ со режисерката Ана Опачиќ. Потоа во вечерните часови продолжуваме со проекција на „Небо од ванила (Vanilla Sky)“ на Камерон Кроу, римејк на шпанскиот “Abre los ojos” на Аменабар. За филмот ќе говори доц. д-р Вангел Ноневски, а заедно со Дебатно кино „Контра Кадар“ ќе отвориме дискусија по проекцијата. Место и време на случување: Мала сала на Центарот за културата во Битола, 19.00 часот.

      Влезот за сите проекции од ФФФ Караванот е бесплатен и отворен за сите заинтересирани за филозофијата и филмот. Ве очекуваме!