Ретроспектива: Пазолини

 

Пјер Паоло Пазолини (1922-1975)

Еруптивна сила на повоената европска мисла, Пјер Паоло Пазолини (1922-1975) беше нескротливо разностран гениј чија биографија и уметност, неодвоиво втопени, се вајаа во истиот невитливо отпорен мермер – оној на неговите бурни политички и идеолошки битки. Поет, романописец, режисер, есеист, филозоф и полемичар, Пазолини ќе експлодира на филмската сцена со „Акатоне!“ (1961), суров портрет на римскиот лумпенпролетеријат. Во текот на наредната деценија и пол ќе изгради незаборавно храбар творечки универзум, експериментален амалгам на хетеродоксен марксизам, мистична религиозност и фројдовска психологија, клокотливо видлив во карактеристичниот спој на почит и провокација што изврива од неговите обработки на христијанската теологија („Евангелие по Матеј“), грчките трагедии („Цар Едип“, „Медеја“), средновековните еротски наративи („Трилогијата на животот“), како и современите општествени рани („Теорема“, „Сало“).

Бескомпромисен иконокласт и отворен хомосексуалец, Пазолини беше еден од оние своеглави отпадници кои не сакаат да бидат членови онаму каде што чекаат да ги примат, па беше во постојан судир со властите, Црквата и десницата, но и во стишено страсна љубовничка расправа со Партијата и светот.

Неговите дела, често цензурирани поради богохулие и експлицитност, му изградија митолошки статус на интригантен провокатор-бард, крвнички убиен пред половина век, но вкрвно жив како голем политички поет на филмот и ден-денес.

 

Воведно излагање

Анастасија Ѓурчинова (1963) е есеистка, преведувачка и универзитетска професорка по италијанска книжевност. Авторка е на многу монографии и приредувачка на повеќе зборници и антологии. За своите преводи ги има добиено наградите „Драги“ (еднаш) и „Златно перо“ (двапати). Добитничка е и на два ордена од претседателот на Италија.

 

 

Пригодно предобраќање на проф. Соња Мизерендино, аташе за култура на Италијанската амбасада во Скопје.