Селектори и жири 14. ФФФ
Селектори
![KИРИЛ ТРАЈЧЕВ [ОСД]](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2023/05/kiril-trajchev.jpg)
KИРИЛ ТРАЈЧЕВ [ОСД]
![ДЕЈАН ЗДРАВКОВ [ОСК]](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2021/05/Dejan-Zdravkov_crop-2.jpg)
ДЕЈАН ЗДРАВКОВ [ОСК]
![ИВАНА МИРЧЕВСКА [ВЕ]](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/VE_Ziri_Ivana_Mircevska__14_FFF_1716476066984-1024x1024.jpg)
ИВАНА МИРЧЕВСКА [ВЕ]
-
KИРИЛ ТРАЈЧЕВ [ОСД]
KИРИЛ ТРАЈЧЕВ е професор на Меѓународниот славјански универзитет - Свети Николе. Неколку години предавал и на Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Подолго време се занимавал со театар и филм. Објавувал авторски текстови во повеќе списанија и зборници. Земал учество и на повеќе научни собири и конференции. Член е на поширокиот состав на Извршниот одбор на ФДМ, а во 2017 година станува селектор на долгометражни филмови на Филозофскиот филмски фестивал и дел од неговиот програмски тим. -
ДЕЈАН ЗДРАВКОВ [ОСК]
ДЕЈАН ЗДРАВКОВ, роден во Велес, дипломира, магистрира и докторира на Институтот за филозофија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Се занимава со истражувања во областа на филозофската антропологија и естетиката. Во слободно време се занимава и со пишување на раскази, сценарија за краткометражни играни филмови и со сликарство. Од 2020 год. е член на редакцискиот одбор на „Филозофска трибина“. Од 2017 год. Здравков станува селектор на краткометражни филмови на Филозофскиот филмски фестивал и дел од неговиот програмски тим. -
ИВАНА МИРЧЕВСКА [ВЕ]
ИВАНА МИРЧЕВСКА е интердисциплинарна уметница, истражувачка и културна работничка. Работејќи преку слики во движење, текст, звук и инсталација, го истражува спојот меѓу технологиите на визуализација и просторната конфигурација на погледот и телото. Мирчевска има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности на отсек сликарство и магистрирано на Академијата за ликовни уметности Брера во Милано, Италија. Таа е авторка на повеќе изложби, инсталации и уметнички проекти, а нејзините проекти се прикажувани во различни локални и меѓународни контексти. Од 2024 година е дел од Филозофскиот филмски фестивал како селектор на видеоесеи.
Жири

СЛАВИЦА СРБИНОВСКА

ИВАН МИЛЕНКОВИЌ

ЈАНЕ СПАСИЌ
-
СЛАВИЦА СРБИНОВСКА
СЛАВИЦА СРБИНОВСКА е редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што и има докторирано во 1998 година на тема „Видови фокализација во романот“. Во своите истражувања и наставни активности се занимава со разни аспекти на теоријата и методологијата на книжевноста, како и со меѓуодносот на уметностите (книжевност, филм, фотографија), културата и медиумите. Автор е на голем број научни и стручни трудови во овие области, како и на монографските публикации „Подвижниот посматрач во романот“ (2000), „Низ призмата на другиот“ (2003), „Визуелни стратегии“ (2008), „Книжевност, филм, популарна култура“ (2011), „Книжевноста и политиките на претставувањето“ (2014), „Средба на културите“ (2022), „Етика, интермедијалност и култура“ (2024). Се јавува и како (ко)приредувач на зборници и други видови референтни дела („Предизвиците на компаративната книжевност во XXI век“, „Феминизам и род: лексикон“), а и како преведувач на значајни книжевни (Дубравка Угрешиќ, „Нема никој дома“) и теориски остварувања (Џералд Принс, „Речник на наратологија“; Мике Бал, „Шарен екран“ итн.). -
ИВАН МИЛЕНКОВИЌ
ИВАН МИЛЕНКОВИЌ е филозоф по образование, преведувач по вокација, критичар по темперамент. Студира право и филозофија на Универзитетот во Белград, а докторира на Факултетот за политички науки во Белград со теза за поимот „сувереност“. Се занимава со современата политичка и современата француска филозофија. Ги има објавено книгите: „Филозофски фрагменти“ (2011), „Пофалба на неслогата: Макијавели против макијавелизмот“ (2018), „Глас и писмо: Дијалектиката на темнината на Амир Бркa“ (2023). Во домашната, регионалната и меѓународната периодика има објавено повеќе од 40 научни трудови, дваесетина огледи и околу 250 осврти, прикази и рецензии. Сам, или во соработка со други колеги, има приредено 5 зборници на текстови. Од француски јазик има преведено 12 студии (меѓу останатите, дела од Жил Делез, Жак Дерида, Жак Рансиер, Мишел Фуко итн.). Има одржано бројни предавања во Србија, во регионот и во Франција. До 2021 година Миленковиќ е уредник на филозофската библиотека на издавачката куќа „Федон“. Член е на Здружението на книжевни преведувачи на Србија. Работи во Третата програма на Радио Белград. -
ЈАНЕ СПАСИЌ
ЈАНЕ СПАСИЌ е македонски филмски и театарски режисер којшто последните неколку години е творечки особено плодоносен. Неговиот последен краток филм „Имиња“ (2023) својата европска премиера ја имаше на реномираниот фестивал CINEMED во Монпелје, Франција. Претходните филмови „Живот“ и „Сценариото“ се учесници на повеќе фестивали, а благодарение на обработените теми и изразноста на формата веќе имаат обезбедено и специфично место во современата македонска кинематографија. Своето формално образование го има остварено на мастер студиите по филмска режија на академија ФАМУ, во Прага, како и на студиите по театарска режија на ФДУ, Скопје (додипломски и мастер). Покрај филмовите, тој е автор и режисер на неколку целовечерни претстави („Како ќе го делиме мачорот“, „Мајсторот за спомени“ итн.) во кои, исто така, експериментира со драматуршкиот и режисерскиот израз и форма. Долгогодишното искуство и практика во различните наративни медиуми ги изоструваат неговите аналитички вештини во сите сегменти на филмската и другите раскажувачки уметности.