ОФИЦИЈАЛНА СЕЛЕКЦИЈА НА ВИДЕОЕСЕИ 14. ФФФ
![[12.6 / 18:00] ПЕРИФЕРИЈА](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/VE_-Keystill_Peripheria_Beau_Maibaum_14_PFF_Peripheria_STILL-1024x576.jpg)
[12.6 / 18:00] ПЕРИФЕРИЈА
![[12.6 / 18:00] НА ЦРВЕНАТА, БОЈАТА НА ВЖАРЕНАТА ЗЕМЈА](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/VE_-Keystill_To_the_Earthen_Red_Nika_Pecarina_14_PFF-scaled.jpg)
[12.6 / 18:00] НА ЦРВЕНАТА, БОЈАТА НА ВЖАРЕНАТА ЗЕМЈА
![[12.6 / 18:00] МЕХАНИКА НА ФЛУИДИ](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/VE_-Keystill_The_Mechanics_of_Fluids_Gala_Hernandez_Lopez_14_PFF_mehanika-na-fluidi-Still_4-1200x750-1-1024x640.jpg)
[12.6 / 18:00] МЕХАНИКА НА ФЛУИДИ
![[12.6 / 18:00] ДЛАБОКО ВО ОКОТО И СТОМАКОТ: ДЕЛ I](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/VE_-Keystill_Deep_in_The_Eye_and_The_Belly_Chapter_I_Sam_Williams_14_PFF_Copy-of-DITEATB-Chapter-1-Still-5-scaled.jpg)
[12.6 / 18:00] ДЛАБОКО ВО ОКОТО И СТОМАКОТ: ДЕЛ I
-
[12.6 / 18:00] ПЕРИФЕРИЈА
12.6 (среда) 18.00 Кинотекa (бесплатна проекција)
ПЕРИФЕРИЈА [Peripheria, 2023]
реж. Бо Мајбаум / Beau Maibaum, DE, 21’
Автопати, мостови, магацини, стоваришта, паркинзи на супермаркети – со нив е исцртана позадината врз која се одвива современото човеково отуѓување во „Периферија“, вториот краток филм на 25-годишниот германски писател, фотограф и режисер Бо Мајбаум.
Во потрага по својот исчезнат сопруг, нараторот [гласот на Макс Ламперти / Max Lamperti] презема експедиција низ овие генерични, празни, анонимни простори (или „не-простори“ според терминологијата на Марк Оже) кои се чини дека би можеле да бидат дел од кое и да е европско предградие. Неспокојно талкајќи низ пустите, лиминални територии на градот – а и низ сопствениот умор и тага – тој сѐ повеќе е заведен и проголтан од чувството на припадност кон нив.
Пејзажен есеј-филм во стилот на Патрик Килер [Patrick Keiller], Џени Олсон [Jenni Olson] и Џејмс Бенинг [James Benning], „Периферија“ е филм за депресијата, индустриските зони и бавната пропаст на човековата цивилизација, кој нуди и нежно промислен осврт на тема не-простор, од аспект на не/можноста за замислување кохерентни алтернативи на иднина надвор од капиталистичкиот реализам.
-
[12.6 / 18:00] НА ЦРВЕНАТА, БОЈАТА НА ВЖАРЕНАТА ЗЕМЈА
12.6 (среда) 18.00 Кинотекa (бесплатна проекција)
НА ЦРВЕНАТА, БОЈАТА НА ВЖАРЕНАТА ЗЕМЈА
[Crvenoj, boji žarene zemlje / To the Earthen Red, 2022]
реж. Ника Печарина / Nika Pećarina, HR, 19’
„На црвената, бојата на вжарената земја“ е експериментален, онтолошки ориентиран видеоесеј кој, преку наративот за претворбата на глината во предмет, поетски ги преиспитува односите меѓу пејзажот, керамиката, човековите сетила и филмската слика.
Изворно замислен како документарно истражување на процесот на произведување на керамичкиот објект, филмот на Ника Печарина еволуира – преку референци кон постанокот и философски размисли за карактерот на физичката природа – во уникатна видеопоема која се труди да обедини неколку навидум неспоиви теми како грнчарството, термографијата и претворбата на тварите во вдахновен филмски запис за чудесните преобразби на еден од најстарите природни материјали: глината.
Таа, пак – во дланките на рударите и грнчарите, зад окото и камерата на Печарина, под полуреалните, сновидни плаштови инфрацрвеност – како да е осудена да го памети и повторува самото Создавање... па и сѐ друго што одминало. -
[12.6 / 18:00] МЕХАНИКА НА ФЛУИДИ
12.6 (среда) 18.00 Кинотекa (бесплатна проекција)
МЕХАНИКА НА ФЛУИДИ
[La Mécanique des fluides / The Mechanics of Fluids, 2022]
реж. Гала Ернандес Лопес / Gala Hernández López, FR/ES, 39'
Во 2018 година, Anathematic Anarchist, самопрогласен инцел – кројка позајмена од англискиот јазик со значење противволев целибат (involuntary celibate) – јавно ја споделува својата намера да се самоубие на интернет-платформата „Редит“ (Reddit). Четири години подоцна, длабоко трогната од неговите зборови – и вознемирена од реченицата, „Америка е одговорна за мојата смрт“ – Гала Ернандес Лопес тргнува во потрага по одговорност и одговори. „Механика на флуиди“ е филмскиот запис на оваа потрага.
Талкајќи, виртуелно, низ бескрајните простори на интернетот во обид да најде што е можно повеќе дигитални траги од Anathematic Anarchist, Лопес навлегува сѐ подлабоко во светот на инцелите (интернет-поткултура доминирана од гневни, хетеросексуални женомрасци) и сѐ повеќе почнува да го гледа како неизбежно отелотворување на капиталистичкиот прогрес, на мрачниот очај на современоста, на радикалната атомизација на општеството продуцирана од екраните и алгоритмите на дигиталните апликации за запознавање. Низ процесот, полека но сигурно, Anathemic Anarchist се претвора во нешто повеќе и нешто понеочекувано од случаен сопатник на Лопес: нејзин двојник-негатив.
Прикладно посветен на бел хукс – неодамна починатата американска авторка и активистка, долгогодишна истражувачка на меѓузависноста на расата, класите, родот, сексот и самоперпетуирачките системи на опресија и доминација како капитализмот – „Механика на флуиди“ е искрена покана за едно понорно патување низ осаменоста и очајот кон желбата за поврзаност и меѓучовечки контакт. „Го снимив филмот,“ вели Лопес, „зашто сакав да им кажам на инцелите, ’Грешите, не се виновни жените! Виновни се овие глупави апликации, сеприсутната површност, фактот што сме си толку отуѓени... Сексот, најпосле, е едноставна работа; љубовта е многу покомплицирана.'“ -
[12.6 / 18:00] ДЛАБОКО ВО ОКОТО И СТОМАКОТ: ДЕЛ I
12.6 (среда) 18.00 Кинотекa (бесплатна проекција)
ДЛАБОКО ВО ОКОТО И СТОМАКОТ: ДЕЛ I
[Deep in The Eye and The Belly: Chapter I, 2023]
реж. Сем Вилијамс / Sam Williams, UK, 23
Во 1865 година, жителите на Аскимскиот округ во близина на Гетеборг ги разбудува необична глетка: млад син кит, вознемирен и заринкан меѓу гребените на еден одлив. „Ќе го извлечам цел на брегот, во едно парче, и неговото тело ќе биде под моја власт,“ ќе запише уште истиот ден, во својот дневник, Аугуст Вилхелм Малм, знаменит зоолог, препаратор и опортунист. Во текот на наредното деноноќие, џиновското суштество ќе биде методично стрелано со огнено оружје, расекувано со секири и бодено со харпуни и копја – сѐ додека конечно не издивне и умре во море од сопствената крв.
Внимателно распарчен, препариран и одново составен, китот станува драматичен музејски експонат, чија отворена челуст дозволува и пристап во утробата, кичесто разубавена со ѕвезден декор. Некаде во 1930-тите – откако со децении елитите го резервираат просторот за своите гала-вечери – внатре е пронајден пар во актот на водење љубов, па оттогаш влезот во стомакот на китот е затворен за јавноста. Сем Вилијамс, лондонски уметник, се прашува: зарем не е ова само епизода од една поголема приказна, онаа за нашата потреба да населуваме и поседуваме туѓи тела?
„Длабоко во окото и утробата: поглавје I“ е воведен сегмент во рамки на еден опсежен, мултидисциплинарен проект кој, во своите моментни инкарнации (два долги монолози, кореографирана едночинка и тажаленка за последниот кит), на приказната за неизбежниот климатски колапс ѝ придружува и замислена иднина во која јоналиките потомци на денешните луѓе – принудени да се вратат во океаните од каде што некогаш излегле нивните далечни предци – наоѓаат прибежиште во телата на истите оние џиновски китови кои некогаш ги препарирале за во нивните музеи. Покрај движечки слики, проектот вклучува и две минијатурни восочни скулптури од церумен: смолата која, наталожувајќи се во ушите на китовите, исто како дрвените годови, немарно ја зачувува нивната возраст и историја, нивната интимна, лична приказна.