РЕВИЈАЛНА ПРОГРАМА 14 ФФФ
![[11.6 /18:00] УБАВИНАТА НА ПОРОКОТ](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/RP_Keystill_Lepota-poroka_The_Beauty_of_Vice_Zivko_Nikolic14_FFF_still.jpg)
[11.6 /18:00] УБАВИНАТА НА ПОРОКОТ
![[12.6 / 21:00] И СЕПАК ЛОРЕНС](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/RP_Keystill_Laurence_Anyways_Xavier_Dolan_14_FFF_3_STILL-scaled.jpg)
[12.6 / 21:00] И СЕПАК ЛОРЕНС
![[13.6 / 21:00] ЗЛАТНАТА ТРЕСКА](https://philosophicalfilmfestival.mk/wp-content/uploads/2024/06/RP_Keystill_The_Gold_Rush_Charlie_Chalin_14_FFF-1024x707.jpg)
[13.6 / 21:00] ЗЛАТНАТА ТРЕСКА
-
[11.6 /18:00] УБАВИНАТА НА ПОРОКОТ
1.6 (вторник), 18:00 | Кинотека
УБАВИНАТА НА ПОРОКОТ [Lepota poroka / The Beauty of Vice, 1986]
реж: Живко Николиќ / Živko Nikolić, ME, 105’
Во заостанатите планински села на Црна Гора, заветени на доживотна верност, живеат Лука [Милутин Караџиќ] и Јаглика [Мира Фурлан], млад брачен пар. Соочени со сиромаштија, двајцата со возбуда и страв ја прифаќаат понудата на нивниот некогашен соселанец и неодамнешен кум Ѓорѓе викан „Жорж“ [Петар Божовиќ] да го следат неговиот пример и да заминат на јадранското приморје, во потрага по лесна заработка.
Таму Лука се вработува во солана, а Јаглика, неволно, станува помошничка во нудистичкиот камп каде што работи Жорж. Традиционално воспитана, таа најпрво се згрозува од сеприсутната голотија. Но постепено, како што се зближува со дел од гостите, Јаглика сѐ повеќе и повеќе ја открива сопствената сензуалност, толку долго ограничена од правилата на средината од која доаѓа.
Најпопуларниот филм на црногорскиот режисер Живко Николиќ, „Убавината на порокот“ ги преиспитува вредностите не само на традиционалните, патријархални средини во тогашната СФР Југославија, туку и на целиот тогашен систем кој, на работ на својот распад, почнува да се соочува со привлечните либерални западни вредности. И години подоцна, токму поради успехот на овој филм (а и по повод неколку други негови филмови), Николиќ ќе биде обвинуван дека ѝ се потсмева на црногорската традиција, а нема да биде поштеден ниту од физички закани.
За улогата во овој филм, Мира Фурлан ја доби наградата за најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Пула во 1986 година. -
[12.6 / 21:00] И СЕПАК ЛОРЕНС
12.6 (среда) 21:00 Летно кино „Мирно лето“
И СЕПАК ЛОРЕНС [Laurence Anyways, 2012]
Гзавие Долан/ Xavier Dolan, CA, 168’
Лоренс Алиа [Мелвил Пупо / Melvil Poupaud] е наградуван писател и професор по литература кој живее во Монтреал заедно со својата девојка, Фредерик „Фред“ Белер [Сузан Клеман / Suzanne Clément]. На денот на својот триесет и петти роденден, во миг на длабок очај, Лоренс ѝ ја открива на Фред својата најнепребродлива тајна: дека неговото машко тело не соодветствува на она што тој вистински чувствува дека отсекогаш бил – жена.
Фред отпрво не ја прифаќа веста со отворено срце и го обвинува Лоренс дека живее со една друга лага и дека требало од поодамна да ѝ каже дека е геј. Но набрзо, на разочараност на нејзината сестра и мајка, таа доаѓа до заклучок дека му е потребна на Лоренс повеќе од кога и да било. Низ годините што следуваат, долго и по нивната разделба, Фред станува негова единствена потпора и најголема поддршка. Двајцата заедно им се спротивставуваат на предрасудите на нивните заеднички пријатели, ги игнорираат советите на нивните семејства и се обидуваат да ги надминат фобиите вкоренети во едно општество што многу пред да се потруди да разбере – маргинализира и исклучува.
„И сепак Лоренс“ е третиот филм на Гзавие Долан (роден во 1989 година), кој го снима кога има 22 години, по големиот успех на неговите претходни два филма „Ја убив мојата мајка“ [J'ai tué ma mère / I Killed My Mother, 2009] и „Измислени љубови“ [Les amours imaginaires / Heartbeats, 2010].
Филмот беше премиерно прикажан во програмата „Извесен поглед“ на Канскиот филмски фестивал во 2012 година, во рамки на кој Сузан Клеман ја доби наградата за најдобра актерка, а Долан – наградата Квир палма. Истата година филмот ја доби и наградата за Најдобар канадски игран филм на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто.
-
[13.6 / 21:00] ЗЛАТНАТА ТРЕСКА
13 јуни [четврток], 21:00 Летно кино „Мирно лето“
ЗЛАТНАТА ТРЕСКА [The Gold Rush, 1925]
Реж: Чарли Чаплин / Charlie Chaplin, US, 95’
Во време на златната треска, некаде кон крајот на деветнаесеттиот век, еден сиромашен човек заминува во планините на Алјаска со надеж дека таму ќе си ја најде среќата: некакво мало богатство кое би му го сменило самотниот, беден живот.
Откако преживува една страшна бура – која ја минува во состојба на константен стрес, засолнет во колиба со озлогласен криминалец и добродушен но прегладнет трагач по злато – се вљубува во Џорџија, прекрасна салонска танчерка. Чисто заради забава (а и за да налути еден свој агресивен додворувач), таа почнува да танцува со него. Но, сепак, и покрај даденото ветување, заборава да го посети малиот човек за време на новогодишната ноќ, иако тој возбудено ја чека во колибата, со спремна вечера и подарок.
Комплетно дело на Чарли Чаплин (режисер, сценарист, монтажер, продуцент и главен актер), „Златната треска“ е инспириран од неколку фотографии од последната голема миграција од овој вид, масовната потрага по злато во Клондајк, како и од приказната за трагедијата во Сиера Невада од зимата 1846-1847, кога група завеани мигранти се принудени да јадат кожа од сопствените чевли за да преживеат, а потоа и човечко месо. Тоа што во „Златната треска“ овие потресни настани се претворени во две незаборавно комични сцени (во првата Чаплин го готви својот чевел, а во втората Големиот Џим, неговиот прегладнет пријател, го замислува како печена кокошка) е само уште едно сведоштво во прилог на Чаплиновата теза дека комедија е она во што трагедиите се преобразуваат со време и, уште повеќе, врвен доказ за неговиот ненадминат филмски гениј.
Чаплин неколку пати го има наведено „Златната треска“ како филм по кој најмногу би сакал да остане запаметен, па не е ниту чудно што во 1942 година, понесен од успехот на „Големиот диктатор“, пушта во оптек и втора верзија, премонтирана и без интертитли, а со звучни ефекти, музика и нарација. Запоставена, оригиналната верзија влегува во јавна сопственост во 1953 година, четири децении пред да биде реставрирана и избрана од страна на Конгресната библиотека за зачувување во Националниот филмски регистар на Соединетите Американски Држави како „културно, историски или естетски значајно остварување“.