Официјална селекција на долгометражни филмови
ВДИШИ ИЗДИШИ / INHALE-EXHALE (2019)
АТЛАНТИДА / ATLANTIS (2019)
ЅИД / WALL / WYCIECZKA (2019)
АВИВА / AVIVA (2019)
ПРОБЛЕМОТ СО ПРИРОДАТА / THE TROUBLE WITH NATURE (2020)
-
ВДИШИ ИЗДИШИ / INHALE-EXHALE (2019)
Кинотека
28 мај (петок), 17:00 ч.
реж. Дито Ѕинѕадзе / Dito Tsintsadze, (GE/RU/SE/EE) 90’
Ирина, 43, се враќа дома од затвор за кривично дело коешто не го сторила. Обединувањето со семејството не е онака како што го замислува. За да започне нов живот и да се врати во општеството, Ирина треба прво да ја поврати довербата на најблиските.
Таа се запишува на курс по јога и преку вежбите вдиши – издиши треба да се пронајде себеси. Сето ова звучи како можност за исполнување на посакувањата и нејзино бавно, но сигурно враќање во кругот на заедницата. Но, кога алиенирана од своето семејство ќе пронајде утеха кај геј синот на една од нејзините пријателки од затворот, се чини дека и во една навидум добронамерна заедница, демнеат тивки опасности и недоразбирања...
Hollywood Reporter ќе рече: „Не постојат многу филмови кои целосно се нурнуваат во темните длабочини на човечките релации со храброста со која тоа го прави филмот на Дито Цинцадзе“. Со исклучителен сензибилитет и маестрална префинетост грузискиот режисер ни ги опишува убиствените предрасуди на провинцискиот град упатени секому кој отстапува од воспоставените норми. Дали Ирина воопшто сака да се вклопи во една таква заедница? -
АТЛАНТИДА / ATLANTIS (2019)
Кинотека
28 мај (петок), 19:00 ч.
реж. Валентин Васјанович/ Valentyn Vasyanovych (UA), 108’
Источна Украина, 2025. Пустина несоодветна за животот на човекот. Водата е скапоцено добро кое е носено со камиони. Се гради Ѕид на границата...
Филмот за кого Variety ќе рече „Уверливо парче на поетски чист филм“, добитник на награди на бројни филмски фестивали меѓу кои и Најдобар филм во програмата „Хоризонти“ на Венецискиот филмски фестивал, е дискретна постапокалиптична приказна која го следи животот на Сергеј, поранешен војник, во една алтернативна историја на Украина кога се завршува една војна. Поствоената состојба во овој случај не носи радост и задоволство, бидејки тоа што е останато е полошо и од самата војна, особено кога е во прашање малиот, обичен човек. Сергеј не успева да се прилагоди на новата стварност, но тој ја среќава Катја на една мисија посветена на ископувањето на воените трупови. Заедно, тие се обидуваат да се вратат во некој вид нормален живот во којшто, исто така, би им било допуштено да љубат. -
ЅИД / WALL / WYCIECZKA (2019)
Кинотека
29 мај (сабота), 17:00 ч.
реж. Бартош Груџиецки / Bartosz Grudziecki (PL/DE), 106’
Ана која доаѓа од мирниот живот во едно мало, провинциско гратче, се запознава со Јоана и Анджеј, богата двојка од Варшава и им помага да ги пронајдат урнатините на некоја стара црква по кои тие упорно трагаат. Ана станува нивен водич и постепено се зближува со новите пријатели. Но невиното другарување наскоро се претвора во вознемирувачка игра и сиромашната девојка се покажува дека е „подобра“ Јоана и од самата Јоана, инстинктивно преземајќи ја улогата и станувајќи нејзина егзистенцијална закана.
ЅИД, номиниран за највисоката награда на Софискиот филмски фестивал во 2019 год. е трилер за богатите и сиромашните, како и за самоуништувачката потрага по слободата. -
АВИВА / AVIVA (2019)
Кинотека
29 мај (сабота), 19:00 ч.
реж. Боаз Јакин / Boaz Yakin, кореограф: Боби Џин Смит / Bobbi Jene Smith(US/FR), 119’
Најновиот филм на израелско-американскиот режисер Боаз Јакин (Boaz Yakin) ни нуди една возбудлива мешавина на мета-филм, перформанс и драма.
Авива доаѓа од Париз, а Идн е од Њујорк. По долги е-маил преписки, конечно се среќаваат и се заљубуваат. Но животот им е полн борби, бидејќи во младите љубовници постојат завојувани страни на маскулинистичките и феминистички енергии кои се борат за примарност. Преку сексуалноста и танцот се поместуваат родовите граници и се отвора една родова енигма којашто го преобразува односот што го имаме едните кон другите, но и односот кон самите себе (како андрогини суштества).
Вклучувајќи егзалтирачки танцови сцени и двајца протагонисти играни од четворица различни актери, АВИВА го дофаќа оној незаприлив, немирен и флудиен момент во времето – токму сега – каде машко-женската динамика е демистифицирана и соголена како никогаш досега. За филмот Rollingstone едноставно ќе рече: „Сексуално исцеление, танц по танц.“ -
ПРОБЛЕМОТ СО ПРИРОДАТА / THE TROUBLE WITH NATURE (2020)
Кинотека
30 мај (недела), 19:00 ч.
реж. Илум Јакоби / Illum Jacobi, (DK), 94’
онлајн интервју со режисерот
Во 1769 година, во време кога неговата естетичка расправа „Филозофско истражување за потеклото на нашите идеи за возвишеното и убавото“ треба да се реиздаде, Берк ги напушта Лондон, лихварите и средовечната криза и тргнува на патување по француските Алпи за да го „види возвишеното со свои очи“. Тој е решен да го надополни својот естетички светоглед со ново непосредно искуство со што би ги ставил на тест своите тези од естетиката...
ПРОБЛЕМОТ СО ПРИРОДАТА е филм за амбициите и егото на филозофот кој се наоѓа исправен пред предизвикот поврзан со естетичкиот концепт што тој самиот го создал. Смелиот алпинист специјализиран за арктички експедиции, режисерот Илум Јакоби, ја пренесува својата љубов, почит и посветеност кон природата во неговото извонредно филмско деби „Проблемот со природата“. Овој „роуд“ филм сместен во XVIII век изобилува со елегантен и сатиричен хумор и импресивни и раскошни пејзажи, директно вперувајќи го нашиот (човечки) поглед кон не-догледот на природата којашто истовремено и застрашува и восхитува.