Краткометражна вечер 1 и средба со Милчо Манчевски (22/05)

22/05 ПЕТОК
Краткометражна вечер 1 и средба со Milcho Manchevski
19h00, филмови / 21h30, средба со Манчевски
www.cinesquare.net/pff
Zoom линк: https://zoom.us/j/91678007392

Избор на филмови од Официјалната селекција на краткометражни филмови (селектор: д-р Дејан Здравков) и ревијално прикажување на краткиот експериментален филм „Четврток“ на Милчо Манчевски. По ревијалната проекција на филмот, и првата вечер на краткометражни филмови доколку сакате да ни се придружите #voistovreme (ако не на исто место :)), ќе се сретенеме во живо со Милчо Манчевски на Zoom, на еден спонтан разговор за неговото творештво, неговата љубов кон експерименталниот филм и концептуалната уметност, студентските денови кога се започнува, како и што е она што Милчо прави за време на ковид кризата и што подготвува за наредниот период. Во разговорот ќе можете да се вклучите преку Zoom линкот погоре во 21h30 и ќе можете да се вклучите со вашите прашања.

Филмовите од првата краткометражна вечер*:
https://philosophicalfilmfestival.mk/short-films-1

ЧЕТВРТОК (2013), ревијално прикажување,
САД, 1:30 мин.
режија: Милчо Манчевски

Животот е некаде на друго место. Толпа од луѓе се движи по вжештениот бетон, кон стаклените кули и во устите на подземните железници, со очи залепени на малите екрани. Жедни ги апсорбираат сликите кои надоаѓаат од секој крај на планетата, несвесни за животот пред сопствените очи. Кога нашата стварност е мегалополисот, реалниот или виртуелниот (интернет) амбиент на хиперсензации, ЧЕТВРТОК не навраќа на важноста на тоа да ги фокусираме нашите „отсутни перцепции“ кон вистинските, животно суштински значења. Овој краток експериментален филм на Манчевски, кој ја продолжува неговата фасцинација со оваа филмска форма уште од студентските денови, беше снимен во Њујорк во 2013 година и премиерно беше прикажан на Венецискиот филмски фестивал во програмата „Venice 70 – Future Reloaded”, во рамките на одбележувањето на неговото 70-то издание.

МИЛЧО МАНЧЕВСКИ e режисер и сценарист на играните филмови ВРБА (2019), БИКИНИ МУН (2017), МАЈКИ (2010), СЕНКИ (2007), ПРАШИНА (2001), ПРЕД ДОЖДОТ (1994) и над 50 кратки форми, вклучувајќи ги и наградените КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО (2017), ЧЕТВРТОК (2013), 1,73 (1984) и музичкото видео Tennessee (1991) за Arrested Development (коешто Ролинг Стоун го смести на листата на 100 најдобри видеа досега). Тој исто така бил режисер на The Wire на HBO (2002). Досега одржал три самостојни изложби на фотографии, објавил прозни дела, книги со фотографии и извел повеќе уметнички перформанси. ПРЕД ДОЖДОТ освои номинација за Оскар и триесет награди, меѓу кои и Златен лав за најдобар филм во Венеција. Њујорк Тајмс го вклучи филмот на својата листа на најдобрите 1.000 филмови досега снимени. Неговите филмови се дел од наставните курикулуми на бројни универзитети ширум светот, и биле предмет на истражување на неколку конференции. Предавал и бил Раководител на студиите по режија на програмата за постдипломски филмови на Факултетот за уметности „Тиш“ во Њујорк; предавал и на голем број универзитети, во кинотеки, музеи и институции ширум светот и има почесен докторат на ВГИК во Москва, Русија. Делата на Манчевски се прикажани на повеќе од 300 фестивали, а дистрибуирани во повеќе од 50 земји. Манчевски досега бил дел од фестивалските жирија во Венеција, Шангај, Варшава, Локарно, Техеран, Вилнус, Пула, ФЕСТ (Белград) итн. По ревијалните прикажувања на ПРАШИНА (ФФФ 2017) и КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО (ФФФ 2018), Манчевски беше член на жирито на Филозофски Филмски Фестивал во 2019 година.

Повеќе за Милчо Манчевски:
http://manchevski.com/

 

……………………………………

ФФФ КРАТКОМЕТРАЖНИ ФИЛМОВИ 1 (125 min.)

Ревијално прикажување:
1. ЧЕТВРТОК (Thursday, 2013), реж. Милчо Манчевски / Milcho Manchevski (US), 1’30’’

Официјална селекција / Official Selection 2020:

2. ЕДЕН (One / Uno, 2018), реж. Хавиер Марко Рико / Javier Marco Rico (ES), 10′

3. ДА СЕ БИДЕ КАКО БАГЗИ (Being More Like Bagsy, 2018), реж. Микел Сторм Гломштајн / Mikkel Storm Glomstein (NO), 16′

4. КРАДЦИ (Thieves, 2018), реж. Јулиус Кристијан Телмер (DK/US), 14′

5. ПОТ.СЕТИ.МЕ (Re.Mind.Me, 2019), реж. Филип Твардовски / Filip Twardowski (PL), 4′

6. СИВЕ ОВИЕ СУШТЕСТВА (All These Creatures, 2018), реж. Чарлс Вилијамс (AU), 13′

7. БЕСМРТНИТЕ ЈАСТОЗИ (Les Homards Immortels, 2017), реж. Кејт Вое / Kate Voet (BE), 13′

8. РОЗЕВО ВЕТУВАЊЕ (Pinky Promise / Dasmensch, 2019), реж. Софи Линенбаум (DE), 15′

9. АСМИНА (Ashmina, 2018), реж. Декел Беренсон / Dekel Berenson, (NP/IL/UK), 15′

10. КОЈ ЗБОРУВА (Who Talks, 2019), реж. Елин Евергард / Elin Övergaard (SE), 15′

11. ВИКЕНД (Weekend, 2019), реж. Арио Мотеваге / Ario Motevaghe (IR) 7′