Промоција на
„Замислување на мирот“ на Вим Вендерс и Мери Зурназии

Филозофскиот Филмски Фестивал и Филозофското друштво на Македонија (PHILOSOPHICAL SOCIETY of MACEDONIA), како издавач, Ве покануваат на промоцијата на македонскиот превод на книгата strong>ЗАМИСЛУВАЊЕ НА МИРОТ: ДИЈАЛОГ ЗА ПЕРЦЕПЦИЈАТА (Inventing Peace, A Dialogue on Perception) на режисерот Вим Вендерс и проф. д-р Мери Зурнази.

Промоцијата поддржана од Министерство за култура ќе се одржи на 3 ноември (вторник) со почеток од 19:00 ч. во Кинотека на С. Македонија. Промотор на книгата ќе биде проф. д-р Иван Џепароски, професор по естетика и раководител на Институтот за филозофија при Филозофски факултет – Скопје. Првото издание на едицијата ФИЛМОСОФИЈА во издание на ФДМ е реализирано со финансиска поддршка на Агенцијата за филм. Едицијата ќе се обиде да приопшти дела од областа на филозофијата и естетиката на филмот, интердисциплинарни студии, но и да овозможи простор за домашни автори.

По промотивната реч на проф. д-р Џепароски, а во соработка со Кинотеката и Гете-институт Скопје, ќе биде прикажан ТОКИО-ГА (Tokyo-Ga), документарен филм на Вендерс за творештвото на јапонскиот филмски великан Јасуџиро Озу. Проекцијата на филмот ќе биде бесплатна, а книгата ќе биде достапна по промотивна цена единствено на денот на промоцијата.

Промоцијата на книгата ќе биде организирана со сите постојни мерки за заштита, а публиката е потребно да носи заштитна маска.

—————————————————————-
ЗАМИСЛУВАЊЕ НА МИРОТ е книга напишана во два гласа, филмски режисер и професор по филозофија, кои преку нивниот дијалог за мирот го канат читателот на замислување и (ре)осмислување на мирот, давајќи му слика и глас, во свет преполн со насилни и дехуманизирачки слики во и вон екраните. Низ овој дијалог помеѓу филозофијата и филмот, меѓу двајца луѓе од две различни земји и два континета, меѓу две човечки суштества кои се грижат за една заедничка и хумана иднина на светот, почнуваме да ја разбираме важноста на тоа како гледаме на светот, но и улогата која филмската уметност (може да) ја има, истовремено инспирирајќи ги режисерите да се навратат на филмот како на нешто што ја зацврстува, а не избегнува стварноста (reality-enhancing vs. reality-avoiding), низ зборовите на Вендерс. Станува збор за дело кое нуди една нова и свежа перспектива, канејќи нè да влеземе во дијалог и да размислуваме за начините на кои би можеле да придонесеме кон перципирањето и креирањето на мирот преку уметноста и, поконкретно, филмот.
———————————————————————
ВИМ ВЕНДЕРС е германски режисер, продуцент, фотограф и писател. Неговите филмови се интернационално признати и познати, како на пример „Алис во градовите“ (Alice in the Cities), „Кралеви на патот“ (Kings of the Road), „Американскиот пријател“ (The American Friend), „Париз, Тексас“ (Paris, Texas), „Небото над Берлин“ (Wings of Desire), „До крајот на светот“ (Until the End of the World), „Буена виста сошл клаб“ (Buena Vista Social Club) и многу други. Неговиот прогресивен 3Д филм Пина беше номиниран на Академските награди за Најдобар документарен филм во 2012. Вендерс е претседател на Европската Филмска Академија. Тој предава филм како професор на Универзитетот за ликовни уметности во Хамбург.
———————————————————————
МЕРИ ЗУРНАЗИ е австралискa писателка и филозоф. Таа предава на програмата за социологија при Универзитетот Њу Саут Вејлс во Сиднеј и е автор на повеќе книги, меѓу кои и книгите „Надеж – Нови филозофии за промена“ (Hope – New Philosophies for Change) и „Клучни зборови за војната: Заживување на јазикот во ера на терор“ (Keywords to War: Reviving Language in an Era of Terror).
———————————————————————
ТОКИО-ГА (Tokyo-Ga, 1985)
документарен филм, Германија / САД, 92 мин., колор
Режија и сценарио: Вим Вендерс (Wim Wenders)

Инспириран од филмското наследство на јапонскиот режисер Јасуџиро Озу (Yasujirô Ozu), Вим Вендерс патува во Јапонија во потрагата по она Токио од филмовите на Озу. Во овој документарен филм, наградуваниот режисер и продуцент комбинира инсерти од еден од неговите омилени режисери со сликите од Токио 30 години подоцна – сега бучен метрополис полн метеж – во обид да открие каде вистинскиот свет и светот на филмот (можеби) се пресекуваат.
Вендерс ги интервјуира верниот камерман на Озу, Јухару Ацута и еден од неговите омилени актери кој игра во повеќето од филмовите на Озу – Чишу Риу. И додека се обидува да го преоткрие Токио низ очите и низ камерата на Озу, Вендерс открива еден нов Токио низ Пачинкото, голферите на градските покриви, неонските светла во Гинза, бејзбол игрите на гробиштата и восочната храна во излозите на рестораните на овој Токио од 80-тите.
Две „Приказни од Токио“, на двајца режисери кои се запознаваат токму упатувајќи го погледот/камерата кон истиот град. Филмот беше прикажан во склоп на програмата Извесен поглед („Un certain Regard“) на Канскиот филмски фестивал во 1985 година.

 

Видео снимка од промоцијата во Кинотеката (03/11/2020):

Related Post