Програма ФФФ 2019

03/05 (петок), 12:30-14:30
Воведно предавање: Филозофијата за деца и истражувањето на светови
– д-р Јоана Хокен (Johanna Howken) од Франција
Едукативна програма (ЕП)
Свечена сала на Филозофски факултет – Скопје

 

 

Воведно предавање на д-р Јоана Хокен за Филозофијата за деца, како и споделување на искуството од воведувањето на оваа филозофска практика во Франција (фокус: Куќа на филозофијата).

Предавањето и гостувањето на д-р Јоана Хокен е реализирано со поддршка на Француски институт – Скопје

 

03/05 (петок), 19:30 –21:00
Проекција на францускиот документарен филм за филозофската практика со деца
ОВА Е САМО ПОЧЕТОК (Just a Beginning / Ce n’est qu’un debut, 2010)
реж. Жан-Пјер Пози / Jean-Pierre Pozzi (FR), 97’
Едукативна програма (ЕП)
Француски институт, Скопје (слободен влез, ограничен капацитет)

 

 

 

ОВА Е САМО ПОЧЕТОК ги следи часовите со децата од една градинка во период од две години. Но ова се многу необични часови бидејќи децата, на возраст од 3 до 5 години учат… филозофија! Седејќи во круг околу ритуалната свеќа, децата им пристапуваат на универзалните теми на љубовта, моќта, разликите, растењето, смртта и други теми на иновативен, забавен, а понекогаш и безмилосен начин. Малку по малку, филозофската
работилница станува привилегиран момент каде секое дете размислува за зборовите на другите, учи да слуша и како да влезе во дијалог со соучениците.
Од сега ќе можат да размислуваат сами! Со своите чувства, необични експресии и контрадикторности, децата во оваа градинка се пример за еден иновативен експеримент. ОВА Е САМО ПОЧЕТОК е филм за една извонредна приказна на едно училиште свртено кон иднината.

За целосната програма од сегментот „Фил(м)ософија за деца“ на Едукативната програмата на Фестивалот, погледнете тука.

09/05 (четврток), 19:00
НЕБОТО НАД БЕРЛИН (Wings of Desire / Der Himmel über Berlin, 1987)
реж. Вим Вендерс / Wim Wenders (DE/FR), 128’
Ревијална програма: филм-философија (РП)
Излагање Wim Wenders: putovanje kao potraga za našim identitetom
Марјан Вујовиќ (Раководител на Музејот на Југословенската кинотека)
Свечено отворање на 9. Филозофски Филмски Фестивал

                                                                             

Што е тоа што луѓето го знаат, а не го знаат ангелите? Вендерсовиот безвремен филм за гледањето е филм во кој протагонисти не се луѓето, туку ангелите чиј мирољубив поглед заедно со тој на камерата даваат една поинаква перспектива (или можност) за гледање на светот. Ангелите во НЕБОТО НАД БЕРЛИН на Вендерс се добри, невидливи суштества кои го набљудуваат светот и ги слушаат мислите на смртниците обидувајќи се да ги утешат. Еден од нив, Демиел (Бруно Ганц / Bruno Ganz), посакува да стане човек и „да влезе во историјата на светот“ откако се вљубува во убавата трапезистка Марион (Солве Домартен / Solveig Dommartin). Питер Фалк (Peter Falk), кој се игра себеси, му помага за време на неговата трансформација, воведувајќи го во малите задоволства на животот и на тоа „што значи да се биде човек“.
НЕБОТО НАД БЕРЛИН го одбележа враќањето на Вендерс во нeговата родна Германија и е неговиот прв германски филм по осум години поминати во САД. Снимен две години пред паѓањето на Берлинскиот ѕид, филмот е омаж на „поделениот“ град од една уште понеобична перспектива, онаа на ангелите. Филмот чиј косценарист е писателот Петер Хандке (Als das Kind Kind war…) ги доби наградите за Најдобар режисер на Канскиот филмски фестивал (1987) и на Европските филмски награди (1988) и оттогаш се стекна со култен статус.


10/05 (петок), 18:30
ЗА ТЕЛОТО И ДУШАТА (On Body and Soul / Teströl és lélekröl, 2017)
реж. Илдико Ењеди / Ildikó Enyedi (HU), 116’
Ревијална програма: филм-философија (РП)
Излагање на тема: Интимната комуникација меѓу телото и душата
– акад. Катица Ќулавкова (МАНУ)

 

Во оваа неконвенционална љубовна приказна двајца интроверти, и двајцата вработени во фабрика за преработка на месо и месни производи, случајно откриваат дека го споделуваат истиот сон секоја вечер. На почетокот и двајцата се збунети, тешко им паѓа да поверуваат дека ова е возможно. Како е можно да го споделуваш истиот сон со некој друг? И, ако е можно, што доколку го сретнеш тој човек – ќе се исплашиш ли, или, пак, можеби ќе бидеш среќен? По некое време, како што започнуваат да ја прифаќаат оваа чудна коинциденција, Марија и Андре ќе се обидат и преку ден да го пресоздадат она што се случува во нивната заедничка потсвест.
ЗА ТЕЛОТО И ДУШАТА претставува славен „камбек“ на унгарската режисерка и сценарист Илдико Ењеди која на Канскиот филмски фестивал во 1989 год. ја добива Златната камера за нејзиниот прв игран филм „Мојот дваесетти век“ (My 20th Century / Az én XX. Századom). ЗА ТЕЛОТО И ДУШАТА е филм во кој „сонот е место на метафизичката средба меѓу Марија и Андре и (…) претставува облик на една метафизичка егзистенција без која стварноста би била премногу профана“ – вели акад. Катица Ќулавкова. Оној вечен проблем на телото и душата во филозофијата, кај Ењеди добива една поетска и онирична уметничка форма. Филмот на Ењеди е добитник на Златната мечка на Берлинскиот филмски фестивал во 2017 год. и беше унгарскиот кандидат за Оскар за филм од неанглиско говорно подрачје во 2018 година.

 

10/05 (петок), 21:30
НАМЕ (Namme, 2017)
реж. Заза Калваши / Zaza Khalvashi (GE/LT), 91′
Официјална селекција на долгометражни филмови (ОСД)

 

 

Семејството на Али наследува мисија – да се грижи за локалната лековита вода и да ги лекува соселаните со неа. Тројцата синови се скептични и само најмладата ќерка Наме останува да ја чува семејната традиција. Паралелно, во грузиските планини се гради локална хидроцентрала што доведува до промени на животната средина. Еден ден изворската вода започнува да пресушува, а таткото на Наме се присетува дека водата нема да се врати сè додека не биде принесена жртва.
НАМЕ, грузискиот кандидат за Оскар во 2019 год., преку мистична тензија ни ја предочува врската меѓу традиционалното и модерното. Водата е во сржта на многу филозофски, религиски, магиски и митолошки системи на верувања, а токму и во филмот на Калваши е во самото јадро на оваа лирска приказна. „НАМЕ е химна на величествените планински пејсажи и пагански фолклорни традиции на југозападна Грузија“ чија „ретка убавина и трансцендентен тон може да ги привлечат фановите на пост-Тарковски школата на медитативниот мистицизам“ – вели Стивен Далтон (Stephen Dalton) од Холивуд репортер.
Светската премиера на филмот беше во селекција на 30. Токиски филмски фестивал, а eвропската премиера на Меѓународниот филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин, Естонија.

 

10/05 (петок), 23:15
POST GLOBAL TRIO – PHILOSOPHICAL MEDITATIONS
Аудиовизуелен перформанс / Audiovisual Performance
Придружна програма (ПП)
Кинотека

Post Global Trio е искуство. Искуство кое можете да го почуствувате на патот низ далечни предели. Внатре или надвор од себеси. Слика на јасни и суптилни звучни сцени и пејсажи. Влези во шумата. Остави го градот зад хоризонтот. Заборави на него… Сега навлези уште подлабоко. Во себеси. И пронајди се. Каков што беше пред да заборавиш. Проектот е создаден како континуитет на комуникација, соработка, потреба од развивање на одредена сцена. Звучна слика на долготрајни взаемни философски медитации. Post Global Trio е проект на Тони Димитров, Димитар Додовски и Мартин Георгиевски.

 

11/05 (сабота), 18:30
ИДА (Ida, 2013)
реж. Павел Павликовски / Paweł Pawlikowski (PL/DK), 82’
Ревијална програма: филм-философија (РП)
Излагање на тема: Ида: Обид за едно крос-културно читање
Наум Трајановски, докторанд (Полска академија на науките, Варшава)

Полска, 1962 година. Ана е убава 18-годишна жена која се подготвува да стане калуѓерка во манастирот каде што живеела уште од дете како сирак. Кога ќе дознае дека има роднина која сè уште е жива, сестрата на мајка ѝ – Ванда, се решава да ја посети пред да ја даде заклетвата и да се обиде да дознае нешто повеќе за корените на нејзиното одамна загубено семејство. Двете жени тргнуваат на заедничко патување кое ќе им помогне да се запознаат една со друга, но и да го откријат таинственото минато на нивното семејство. Ана дознава дека нејзината тетка, не само што е поранешна комунистичка државна обвинителка, туку, исто така, е и еврејка.
Која е Ана/Ида сега и каде ќе ја одведе нејзиниот пат? Поделена меѓу нејзиниот религиозен живот и иднината во манастирот, од една страна, и можноста за живот надвор од манастирот за кој не верувала дека е можен досега, таа ќе мора да ја стави на тест својата одлука. Оваа потресна и интимна драма на Павликовски која обработува прашања за идентитетот, семејството, вербата, чувството на припадност и историјата ги освои наградите за најдобар филм на Европската филмска академија и најдобар филм од неанглиско говорно подрачје на БАФТА наградите во 2014 год., а во 2015 година е добитник и на Оскарот за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

 

11/05 (сабота), 21:30
ДИШЕЊЕ ВО МЕРМЕР (Breathing into Marble / Kvėpavimas į marmurą, 2018)
реж. Гиедре Беинориуте / Giedrė Beinoriūtė (LT/LV/HR), 97’
Официјална селекција на долгометражни филмови (ОСД)

 

 

Беинориуте вели: „ДИШЕЊЕ ВО МЕРМЕР е филм за обидот да се стопли камен. Можеби е невозможно, но вреди да се обидеме“.
Изабел и Лиудас, семејство од средна класа, живеат во близината на еден голем град со својот син Галиус кој страда од епилепсија. Еден ден Изабел ќе го убеди својот сопруг да го посвојат 6-годишниот Иља, тврдоглаво и повлечено мало момче од домот за деца („Не можам да објаснам, само претчувствувам“, му вели Изабел на Лиудас). Но со пристигнувањето на посвоенчето, семејниот живот почнува драстично да се менува и наскоро станува јасно дека Иља не се вклопува во овој нов свет. Со почетокот на нарушувањето на брачната заедница на Изабел и Лиудас, тие донесуваат судбоносна одлука која ќе влијае на семејството во годините што следат.
Оваа психолошка драма, дебитантско филмско остварување на режисерката, ги истражува односите меѓу луѓето, невидливите нишки што ги поврзуваат нашите животи, одговорноста едни кон други, вината, како и обидот да се прости и да се сака. Филмот е базиран на истоимената книга на Лаура Синтија Черниаускаите (Laura Sintija Černiauskaitė), добитник на Наградата за литература на Европската унија во 2009 год., а интернационалната премиера ја доживува на филмскиот фестивал во Карлови Вари, во компетитивната програма East of the West.

 

12/05 (недела), 16:00
БАДЈУ (Badiou, 2018)
реж. Горав и Рохан Калјан / Gorav & Rohan Kalyan (US), 83’
Придружна програма (ПП)
Излагање Симптомот Бадју
– д-р Марија Тодороска (независен филозофски истражувач)
Кинотека

Фридрих Ниче има напишано дека секоја филозофија е секогаш биографија на мислителот. Животот на Ален Бадју (Alain Badiou) покажува дека и спротивното може да биде вистина. Од неговото раѓање во Мароко, преку настаните од мај 1968 г. во Париз, до неговите доцни години како ангажиран интелектуалец и филозоф, биографијата на Бадју можеби е неговото најкомплексно и најпредизвикувачко дело досега.
Преку еден интимен и филозофски портрет, режисерите Горав и Рохан Калјан го создадоа првиот долгометражен документарен филм за еден од најпознатите современи филозофи денес, повикувајќи нè да мислиме со, а не само за Бадју. Адресирајќи ги контрадикциите во животот на Бадју преку филмот, режисерите се соочуваат со инхерентните контрадикторности на филмот како таков: мисла и акција, внатрешност и надворешност, присуство и отсуство. За да внесат нишка на емпатија, јасност и критика во нивната комплексна тема, тие мора да постават едно прашање, старо колку и самиот медиум: Може ли филмот да мисли?
Филмот беше дел од Официјалната селекција на Меѓународниот филмски фестивал Јихлава во Чешка (2018) и CPH:DOX во Данска (2019).

12/05 (недела), 18:30
10 МИНУТИ ПОСТАР (10 Minutes Older / Vecāks par 10 minūtēm, 1978)
реж. Херц Франк / Herz Frank (LV), 10’
Ревијална програма: филм-философија (РП)
ФФФ DOC. – БАЛТИЧКИОТ НОВ БРАН И ПОЕТСКИОТ ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ

 

10 МИНУТИ ПОСТАР е еден од највлијателните кратки филмови во филмската историја. Претставник на Балтичкиот нов бран, филмот не содржи зборови, туку само тивко ги набљудува лицата на деца загледани во една куклена претстава. Во 10 интензивни минути повеќето од човечките емоции оживуваат на отворените лица на децата – радост, страв, сочуство, ужас и среќа. Во само еден кадар – цели 10 минути – лицето на детето ја отсликува вечната борба помеѓу доброто и злото, станува „огледало“ на невидливата човекова душа.
Херц Франк, еден од најпознатите документаристи од Латвија и меѓу првите кои во 60-тите ја воспоставуваат поетската документарна школа во Рига, ќе рече: „Немам снимено ништо невообичаено. Сите мои филмови се за живототот, љубовта и смртта“, а за неговото правење филмови тој вели дека е „едноставно“ и дека нивното влијание не се состои во сензационалистички заплети, туку во поставувањето етички прашања од егзистенцијална природа. Инспирирани од оваа едноставна, но исклучително значајна идеја, 15 светски режисери, автори од Европа и САД, меѓу кои и Вим Вендерс, Вернер Херцог, Џим Џармуш, Жан-Лук Годар, Бернардо Бертолучи, Клер Дени и Аки Каурисмаки – направија свои верзии на филмот – 10 МИНУТИ ПОСТАР: ТРУБА и 10 МИНУТИ ПОСТАР: ЧЕЛО (2002) чија премиера беше на Канскиот филмски фестивал.

 

12/05 (недела), 18:40
МОСТОВИ НА ВРЕМЕТО (Bridges of Time / Laika tilti, 2018)
реж. Одрис Стонис и Кристине Бриеде /
Audrys Stonys & Kristīne Briede (LV/LT/EE), 78’
Ревијална програма: филм-философија (РП)
Q&A со режисерката Кристине Бриеде / Kristīne Briede

 

Овој нов документарен филм на Одрис Стонис и Кристине Бриеде е медитативно патување кое нè води да ги (пре)откриеме Големите мајстори на Балтичкиот поетски документарен филм – Херц Франк (Herz Frank), Улдис Браунс (Uldis Brauns), Иварс Селецкис (Ivars Seleckis), Марк Соосаар (Mark Soosaar), Андрес Соот (Andress Sööt), Робертас Вербас (Robertas Verbas), Хенрикас Шаблевичиус (Henrikas Šablevičius) и Аиварс Фреиманис (Aivars Freimanis) и нивниот поетски третман на онтологијата на документарното филмско творештво.
Со нивните обземачки црно-бели слики на човекот и природата, тие ја „снимаат Земјата, но помнат дека Небото е над нас“ (Франк), дофаќајќи ја супстанцијата, стварноста, но, исто така, покажувајќи ни ги идеалното и духовното содржани во материјалното. Станува збор за филмови кои се хумани, значајни и поетски, кои ни посочуваат нов начин на гледање на светот и преиспитување на самата природа на документарниот филм како уметничка форма. МОСТОВИ НА ВРЕМЕТО на Одрис Стонис и Кристине Бриеде, преку креативно градење мостови на времето со оваа уникатна збирка на архиви, ветува откривање на еден нов бран во историјата на филмот – Балтичкиот нов бран на поетскиот документарен филм и цела една генерација на подзаборавени филмски поети од Латвија, Литванија и Естонија.

 

12/05 (недела), 21:30
ГРАДИНА (Garden / Garten, 2018)
реж. Питер Шрајнер / Peter Schreiner (АТ), 136’
Официјална селекција на долгометражни филмови (ОСД)

 

 

Секогаш движејќи се помеѓу играниот и документарниот филм, низ неконвенционална драматуршка постапка, ГРАДИНА ни зборува за љубовниот триаголник помеѓу Авад, Херман и Џулија. Џулија открива дека страда од терминална болест. Авад, филмски режисер, е киднапиран од полицијата, затворан и мачен. Херман, сценскиот дизајнер, е измачуван од ноќни мори.
Целото дејствие на филмот се одвива во неидентификувана градина и неопределени душевни простори, низ атмосфера на необична нејасност на сонот, мората, состојбата на неизвесност… Филм во кој една градина станува сцена на сите протагонисти, рај и пекол или, пак, можеби чистилиште.
ГРАДИНА е контемплативен филм на Питер Шрајнер чие дело дава отсјај на атмосферата од филмовите на Бела Тар, а чиј претходен филм ЛАМПЕДУЗА беше дел од Официјалната селекција на ФФФ 2017. Филмот беше премиерно прикажан на престижниот филмски фестивал во Ротердам, во рамките на програмата Deep Focus.

 

13/05 (понеделник), 18:30
Прв ден / Day 1 (133 min.)
Официјална селекција на краткометражни филмови (ОСК)

РЕВИЈАЛНО ПРИКАЖУВАЊЕ:
КРУЖНО ПАТУВАЊЕ НА МОНАХОТ (The Monk, 2018) Жарко Иванов / Zharko Ivanov (МК), 12’

  1. ОСТАТОЦИ (The Remains / Avashesh, 2018)
    реж. Маноџ Бабу Панта / Manoj Babu Panta (NP), 16’
  2.  ДУА2ЛИТЕТ (Dua2litet, 2018)
    реж. Рафаел Монтезума / Rafael Montezuma (ES), 5’
  3. НОЌЕН РАЗГОВОР СО ЏЕЛАТ (Night Talk With a Hangman, 2018)
    реж. Јаков Сивченко / Яков Сивченко (RU), 20’
  4. ЛЕБДЕЊЕ (Floating / Flutuar, 2018)
    реж. Артур Сера Араужо / Artur Serra Araújo (PT), 13’
  5. ЧАЈ (Tea, 2018)
    реж. Шокир Холиков / Shokir Kholikov (UZ), 15’
  6. РЕАЛНОСТ (Reality, 2017)
    реж. Џиан Зунер / Gian Suhner (DE), 7’
  7. МЛАДА ДЕВОЈКА (A Young Girl, 2018)
    реж. Џенис Адриансен / Jeannice Adriaansens (BE), 16’
  8. НОЌЕН ПОРТРЕТ (Night Portrait / 밤의 조상 , 2017)
    реж. Џуон Ву / Jueon Woo (KR), 15’
  9. HEILERIJK (2018)
    реж. Зои Богартс / Zoë Boogaerts (BE), 14’

 

13/05 (понеделник), 21:30
8 МИНУТИ И 19 СЕКУНДИ (8’19’’ / 8 минути и 19 секунди, 2018)
реж. Петaр Валчанов, Љубомир Младенов, Теодор Ушев, Надежда Косева, Владимир Љуцканов, Кристина Грозева /
Petar Valchanov, Lyubomir Mladenov, Theodor Ushev, Nadejda Koseva, Vladimir Lyutskanov, Kristina Grozeva (BG), 85’
Официјална селекција на долгометражни филмови (ОСД)

Омнибус филм базиран на кратките раскази на најпреведуваниот современ бугарски писател Георги Господинов, режиран од шест различни режисери од Бугарија.
Во оној момент кога ќе почнете да го гледате овој филм, сонцето можеби веќе згаснало, но вие сè уште нема да го знаете тоа бидејќи 8 минути и 19 секунди е времето за кое ќе пристигне веста за неговата смрт. Тоа е времето што ѝ е потребно на светлината да стигне дотука, а потоа ќе настапи темнината…
Темата на апокалипсата не мора да биде прикажана преку глобална катаклизма, коњаници на апокалипсата, ангели на смртта, оган и деструкција. Крајот на светот може да биде многу лична работа, интимно и безмалку нечујно човечко искуство.
Наративниот мозаик на 8 МИНУТИ И 19 СЕКУНДИ ќе ги постави стожерните точки на овој исклучителен омнибус филм: чувството на смртноста, миговите пред самиот крај, нашето неизвесно постоење и стравот што доаѓа од сознанието за сето тоа.

 

14/05 (вторник), 18:30
Втор ден / Day 2 (131 min.)
Официјална селекција на краткометражни филмови (ОСК)

 

 

  1. ДОЛИНА НА НЕСВЕСНОTO (Valley of Unawarness / Dolina Nieświadomości, 2018)
    реж. Миколај Борови/ Mikołaj Borowy (PL), 15’
  2. ПОЕМА 1 (Poem 1, 2019)
    реж. Даниел Зауермилх / Daniel Sauermilch (USA/PL/DE), 6’
  3. EЛЕНА (Elena, 2017)
    реж. Ајерим Вилануева / Ayerim Villanueva (CR/DO/PT/ES), 20’
  4. ВО КУЧЕШКИ ГОДИНИ МРТОВ СУМ (In Dog Years I’m Dead, 2019)
    реж. Кенжи Уеле/ Kenji Ouellet (DE), 13’
  5. ПОНЕДЕЛНИК (Segunda-Feira, 2018)
    реж. Себастиао Салгадо/ Sebastião Salgado (PT), 15’
  6. ИСЧАШЕНОСТ (Sprain / Entorse, 2018)
    реж. Пјер-Луј Умденсток / Pierre-Louis Umdenstock (FR), 6’
  7. ПОЧЕТОКОТ (The Beginning, 2018)
    реж. Агим Абдула / Agim Abdula (MK), 13’
  8. ДОЛМЕН (Dolmen, 2018)
    реж. Оксана Белусова / Oksana Belousova (RU), 11’
  9. КОГА НÈ НЕМА (When We Are Gone, 2018)
    реж. Стефан Палитов / Stefan Palitov (MK), 19’
  10. ПОПЛАДНЕВНИ ОБЛАЦИ (Afternoon Clouds, 2017)
    реж. Пајал Кападиа / Payal Kapadia (IN), 13’

 

14/05 (вторник), 21:30
КРАДЦИ НА ГУЛАБИ (The Pigeon Thieves / Güvercin Hırsızları, 2018)
реж. Осман Наил Доган / Osman Nail Doğan (TR), 82’
Официјална селекција на долгометражни филмови (ОСД)

 

 

Животот на 16-годишниот Махмут се состои од хранењето на гулабите и заработување од крадењето туѓи гулаби. Најголемиот сон му е да ги има најдобрите гулаби. Еден ден, еден од гулабите ќе избега и не се враќа повеќе. Кога Махмут наоѓа гулаб вгнезден на еден покрив, го запознава Исмаил, 8-годишно детенце кое живее во куќата. Оваа средба станува една од најважните пресвртници којашто ќе влијае на животите на двете деца.
КРАДЦИ НА ГУЛАБИ, прв игран филм на режисерот кој беше дел од Официјалната селекција на 24. Сараевски филмски фестивал, е филм за растењето, за созревањето и за вивнувањето во животот. Топла приказна за пријателството и младешките страсти, погледната низ специфичната призма на културата на живеење во Анадолија. И како што режисерот Доган прашува зборувајќи за филмот, дилемата е пред нас: „Што е добро, a што лошо? Дали можеш да бидеш добар со лошо однесување?“ Или, пак, како може еден човек да биде добар ако животот е беспоштеден и суров, луѓето се немилосрдни и себични, а светот е студен и туѓ?

 

15/05 (среда), 11:00
Предавање: Film-Philosophy after Jacques Derrida – д-р Дејвид Сорфа / Dr. David Sorfa (University of Edinburgh, UK)
Амфитеатар 4 на Филозофски факултет – Скопје
Придружна програма (ПП)

Делото и влијанието на Жак Дерида е малку истражувано во современата филмска теорија и филм-философија. Сорфа ќе покаже зошто Дерида е толку значаен за иднината на филмските студии.

Во соработка со Филозофскиот факултет при УКИМ

 

15/05 (среда), 18:30
ДЕЦА НА ЧОВЕШТВОТО (Children of Men, 2006)
реж. Алфонсо Куарон / Alfonso Cuarón (UK/US), 110’
Ревијална програма: филм-философија (РП)
Излагање на тема: Children of Men: Anthropocene’s ‘Père-version’; Patriarchy’s Demise
– д-р Габриела Калчи Новати / Gabriella Calchi Novati (C.G. Jung Institut, Zürich)

Лондон, 2027 година. Најмладиот човек на светот умира на возраст од 18 години и човештвото се соочува со опасноста од сопствената екстинкција. Во оваа дистопија во којa луѓето речиси две децении не можат да имаат деца, светот е на работ на колапс, а човечноста и моралноста еродираат. Велика Британија е единствената земја во која повеќето имигранти се обидуваат да пронајдат засолниште, но набрзо се претвора вo полициска земја блиску до Орвеловата визија на 1984-тата. Кога меѓу бегалците ќе се појави млада жена која на чудесен начин останува бремена, поранешен активист ќе се обиде да ја обнови последната надеж за опстанокот и иднината на човештвото на Земјата.
ДЕЦА НА ЧОВЕШТВОТО е британско-американски дистописки трилер во режија и косценарио на мексиканскиот режисер Алфонсо Куарон. Еден од најистакнатите филмови денес, на него може да се гледа и како на уметнички приказ на т.н. Антропоцен (периодот од времето во кој човечките активности имаат такво влијание на Земјата што може да се опишат како посебна геолошка ера). Сценариото на филмот е базирано на книгата „Деца на човештвото“ на Филис Дороти Џејмс (Phyllis Dorothy James) од 1992 год., а во 2016 г. на анкетата на BBC Culture беше изгласан како 13-ти помеѓу 100 филмови прогласени за најдобри филмови на XXI век од 177 светски филмски критичари. Што би се случило во една иднина во која човекот повеќе не е „центарот“ и „мерата“ на светот? Свет во кој некоја или некаква иднина е можна и без него?

 

15/05 (среда), 21:30
СТИКС (Styx, 2018)
реж. Волфганг Фишер / Wolfgang Fischer (DE/AT), 94’
Официјална селекција на долгометражни филмови (ОСД)

 

 

Рике е 30-годишна жена и e успешен доктор во итната медицинска служба. Кога тргнува сама на патување во својот брод кон Гибралтар, по силна бура се наоѓа во близината на пренатоварен брод со бегалци кои се во животна опасност. На почетокот се обидува да повика помош според поморските прописи и да ја изврши својата граѓанска должност, но и покрај сите апели, никој не се одѕива. Рике е соочена со острицата на одлуката и треба да реши дали да се обиде самата да дејствува за да го спаси она кое има можност да го спаси.
Алегорија за студениот и негрижлив свет, наутичкиот трилер на Волфганг Фишер е филм за преживувањето и за смртните опасности со кои се соочуваат мигрантите што патуваат кон Европа. Прикажувајќи едно општество каде што добродетелта на поединецот се удавила во суровоста на другите, филмот ја отсликува моралната дилема помеѓу светот на реалното и светот на идеалното и на тест ја става личната наспроти колективната одговорност. Естетски придржувајки се на строг минимализам, СТИКС упатува ургентен повик за будење на светот што сè повеќе запаѓа во рамнодушност и во отсуство на емпатија.
Филмот ја отвори Panorama секцијата на 68. Берлински филмски фестивaл, а беше и еден од трите LUX Prize финалисти на Европскиот парламент во 2018 година.

 

16/05 (четврток), 19:00
ЗАЛИВОТ СЛЕК (Slack Bay / Ma Loute, 2016)
реж. Бруно Димон / Bruno Dumont (FR/DE), 122’
Ревијална програма: филм-философија (РП)
Излагање на тема: What Are We Laughing At? Skepticism as a Joke in Film-Philosophy
– д-р Дејвид Сорфа / Dr. David Sorfa
Свечено затворање на Фестивалот и доделување на наградите
(по настанот следува џез-вечер со SILENT SPRING QUARTET)

 

Во текот на летото 1910 година, неколку туристи исчезнуваат додека се релаксираат на убавите плажи од брегот на заливот. Двајцата инспектори, Машан и Малфој, откриваат дека епицентар на овие мистериозни исчезнувања е заливот Слек, место каде што живее мала заедница на рибари и одгледувачи на школки. Помеѓу нив се наоѓа и семејството Бруфор, водени од таткото Бруфор со прекар „Вечниот“ и неговиот син Малут. Од другата страна, надвиснувајќи се на ридот, се наоѓа Тифониумот, величествената вила на Ван Петегемови, буржоаско ексцентрично семејство кое вообичаено ги поминува летата на брегот…
Оваа необична комедија со елементи на слепстик и бурлеска и со една од најнеобичните улоги на Жулиет Бинош на големото платно беше номиниранa за „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал во 2016 година. Почетокот на XX век го означува растежот на буржоазијата, индустријата, капитализмот и, оттука, засилената класна борба, а филмот на Димон е токму за овој втемелувачки наратив на нашата ера. За режисерот филмот е „друг и можеби поинтересен начин да се создава филозофија“ – дисциплина којашто нашироко ја проучува за време на студиите кога се фокусира на Естетиката на филмот и ја пишува тезата „Филозофија и естетика на андерграунд филмот”.

 

16/05 (четврток), 22:30
JAZZ ВЕЧЕР со SILENT SPRING QUАRTET
Kафе бар Мартини во Лептокарија
(зад Кинотеката на Македонија)
Придружна програма (ПП)

Музичките пејзажи на Silent Spring Quartet се движат во пространите зони меѓу експерименталниот, импровизаторски и амбиентален музички израз.
Во спонтаните импровизации и во „компонирањето во живо“ се проникнуваат музичките искуства на: Дени Омерагиќ (контрабас), Нинослав Спировски (кларинет, тенор саксофон), Мартин Георгиевски (електроника, гитара) и Владимир Мартиновски (тамбура, кавал, удиралки).
Во текот на 2019 година Silent Spring Quartet планира да го реaлизира својот прв албум.

 

27/05 (понеделник), 20:00
ТОКИО-ГА (Tokyo-Ga, 1985)
Милозлив поглед, или камерата како гледач /
A loving look, or the Camera as the beholder

реж. Вим Вендерс / Wim Wenders (DE/USA), 92’
Ретроспектива Вендерс (РВ)

 

 

Инспириран од филмското наследство на јапонскиот режисер Јасуџиро Озу (Yasujirô Ozu), Вим Вендерс патува во Јапонија во потрагата по она Токио од филмовите на Озу. Во овој документарен филм, наградуваниот режисер и продуцент комбинира инсерти од еден од неговите омилени режисери со сликите од Токио 30 години подоцна – сега бучен метрополис полн метеж – во обидот да открие каде вистинскиот свет и светот на филмот (можеби) се пресекуваат.
Вендерс ги интервјуира верниот камерман на Озу, Јухару Ацута (Yûharu Atsuta) и еден од неговите омилени актери кој игра во повеќето од филмовите на Озу – Чишу Риу (Chishû Ryû). И додека се обидува да го преоткрие Токио низ очите и низ камерата на Озу, Вендерс открива еден нов Токио низ Пачинкото, голферите на градските покриви, неонските светла во Гинза, бејзбол игрите на гробиштата и восочната храна во излозите на рестораните на овој Токио од 80-тите. Две „Приказни од Токио“, на двајца режисери кои се запознаваат токму упатувајќи го погледот/камерата кон истиот град. ТОКИО-ГА беше прикажан во рамките на програмата Извесен поглед („Un certain Regard“) на Канскиот филмски фестивал во 1985 година.

Воведен збор за Вендерс и Озу на проф. д-р Стефан Сидовски

 

28/05 (вторник), 20:00
СОЛТА НА ЗЕМЈАТА (The Salt of the Earth, 2014)
Слики кои траат, или уметноста на гледањето /
Enduring images, or the Art of Seeing
реж. Вим Вендерс и Хулиано Рибеиро Салгадо /
Wim Wenders & Juliano Ribeiro Salgado (FR), 109′
Ретроспектива Вендерс (РВ)

Во текот на 40 години, бразилскиот фотограф Себастиао Салгадо (Sebastião Salgado) патува низ повеќе од 120 земји во светот, по трагите на едно човештво кое постојано се менува, документирајќи ја темната страна на човечката состојба во скриените агли на светот. Тој е сведок на некои од најголемите несреќи во блиската историја: меѓународни конфликти, глад и егзодуси. По повеќе години поминати пренесувајќи ги овие слики на другиот крај од светот, тој тргнува на едно ново патешествие – откривајќи недопрени територии на флора и фауна, и на грандиозни предели како дел од еден огромен фотографски проект кој ѝ оддава почит на убавината на земјата – проектот „Генезис“. Животот и делото на Салгадо ни го откриваат неговиот син, Хулиано, кој го придружува на последните патувања, и Вим Вендерс, кој и самиот е фотограф. СОЛТА НА ЗЕМЈАТА ја освои Специјалната награда во програмата Извесен поглед („Un certain Regard“) на Канскиот Филмски Фестивал во 2014 година и беше номиниран за Оскар за Најдобар документарен филм.
Неодминлив филм за секој оној кој ја сака фотографијата и кој верува дека „чинот на гледање“ не е проста даденост, а дека сликите кои траат – за да се пронајдат, првo треба да се побараат.

 

29/05 (среда), 20:00
СОБА 666 (Room 666, 1982)
Иднината на филмот / The Future of Cinema
реж. Вим Вендерс / Wim Wenders (DE/USA), 45’
Ретроспектива Вендерс (РВ)

 

 

За време на 35-тиот Кански филмски фестивал во мај 1982 год., Вим Вендерс поканува група од 15 интернационални режисери да одговорат на неколку прашања за иднината на филмот, еден по еден, во истата хотелска соба (соба бр. 666, Хотел Мартинез). Главното прашање што неговите колеги треба да го одговорат гласи: „Дали филмот е јазик кој полека исчезнува, уметност која е на патот да изумре?“ Секој режисер има една 16 мм лента, односно 11 минути да одговори на прашањето. Во општествените науки смислата на стандардизацијата е дека секој човек е изложен на истото искуство при прашањето, така што разликите во одговорите можат да бидат коректно интерпретирани единствено како разлики меѓу луѓето, наместо разлики во процесот на продуцирање на одговорите. Во СОБА 666 се вклучени и европски автори и холивудски режисери, со наративни и експериментални приоди, мажи и жени кои работат во филмската индустрија и кои ги претставуваат своите филмови или се просто присутни на 35-тиот Кански фестивал. Режисерите доаѓаат од Франција, Италија, Бразил, Либан, Германија, Турција, Филипините и САД, а меѓу нив се Антониони, Херцог, Фасбиндер, Годар…
Филмот кој беше прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2006 претставува продлабочена рефлексија за иднината на филмот од некои од најголемите режисери на нашето време.

 

30/05 (четврток), 20:00
ПИНА (Pina, 2011)
Која иднина на гледањето? / Which future of seeing?
реж. Вим Вендерс / Wim Wenders (DE), 106’
Ретроспектива Вендерс (РВ)

 

 

Пина Бауш претставува икона на современиот танц. Славна како Исадора Данкан (Isadora Duncan) или Марта Греам (Martha Graham), таа го револуционализираше јазикот на танцот. Создадени за да поттикнат емоција кај гледачот, уникатните мултимедијални креации на Пина нудеа неспоредливо визуелно искуство. Идејата на Вендерс, роденa заеднички со Бауш, беше да снимат филм за танцот каков што не сме виделе дотогаш, филм кој би можел да го позајми најдоброто од новата 3Д технологија (која Вим со нетрпение ја очекуваше) за да му ја подари „третата димензија“ на танцот на филмското платно. Снимањето на филмот беше прекинато од ненадејната смрт на Пина во 2009 година. По извесно двоумење, Вендерс се решава да продолжи со работа на проектот и, зедно со нејзиниот ансамбл Tanztheater Wuppertal Pina Bausch, да сними филм кој нема да биде само филм-омаж за една од најголемите кореографки на нашето време, туку и филм кој низ филмскиот јазик и низ еден филмски поглед најдобро би можел да го „оживее“ светот на танцот. Во време кога на 3Д технологијата примарно беше гледано од комерцијален интерес, Вендерс поставува едно поинакво прашање: На кој начин технологијата може да му служи на погледот и, ако постои разлика помеѓу тоа „да се гледа“ (looking) и „да се види“ (seeing), за каква иднина на гледањето ќе се одлучиме?

 

ЦЕНА НА ВЛЕЗНИЦИ*:

Единечен билет: 100 ден.
Редуциран единечен билет: 50 ден. – билети за студенти и пензионери со приложен документ за идентификација;
– краткометражни филмови (13 и 14 мај)
Дневен билет: 150 ден. (за сите настани во денот)
Редуциран дневен билет: 100 ден. – за студенти и пензионери со приложен документ за идентификација;
– дневен билет за 13 и 14 мај (понеделник и вторник)

* Билетите ќе бидат достапни само на касата на Кинотеката непосредно пред секоја проекција
** Настаните од Ретроспективата Вендерс и ФФФ Караванот не се наплаќаат