Прогласување на добитниците на „Златен був“ и „Заливот Слек“ за крај на 9. ФФФ

Денес, со прогласувањето на добитниците на наградите „Златен був“ свечено ќе биде спуштена завесата на 9. Филозофски Филмски Фестивал. Фестивалот доделува „Златен був“ од публиката и стручните жирија во конкуренција на долгометражни и краткометражни филмови. Во селекцијата за долгометражни филмови жирито во состав: Милчо Манчевски, Дејвид Сорфа и Бошко Караџов ќе го прогласи победникот помеѓу грузискиот НАМЕ на Заза Калваши, литванско/латвиско/хрватската копродукција ДИШЕЊЕ ВО МЕРМЕР на Гиедре Беинориуте, австрискиот ГРАДИНА на Питер Шрајнер, бугарскиот омнибус 8 МИНУТИ И 19 СЕКУНДИ, КРАДЦИ НА ГУЛАБИ од турскиот режисер Осман Наил Доган, и германско/австриската копродукција СТИКС од Волфганг Фишер. Селекцијата за краткометражни филмови се состои од 19 филмови ширум светот, а „Златниот був“ ќе го прогласи жирито во состав: Габриела Калчи Новати, Наум Трајановски и Иво Бару.

 

Подоцна, ќе биде прикажана француската комедија ЗАЛИВОТ СЛЕК (Ma Loute, 2016) од режисерот Бруно Димон (Bruno Dumont). Кон филмот со излагање на тема: „What Are We Laughing At? Skepticism as a Joke in Film-Philosophy“ ќе се осврне проф. д-р Дејвид Сорфа, програмски директор на магистерските студии по филм на Универзитетот во Единбург и главен и одговорен уредник на најзначајното списание во светот од областа на филмфилософијата, „Film-Philosophy“.

 

 

Во текот на летото 1910 година, неколку туристи исчезнуваат додека се релаксираат на убавите плажи од брегот на заливот. Двајцата инспектори, Машан и Малфој, откриваат дека епицентар на овие мистериозни исчезнувања е заливот Слек, место каде што живее мала заедница на рибари и одгледувачи на школки. Помеѓу нив се наоѓа и семејството Бруфор, водени од таткото Бруфор со прекар „Вечниот“ и неговиот син Малут. Од другата страна, надвиснувајќи се на ридот, се наоѓа Тифониумот, величествената вила на Ван Петегемови, буржоаско ексцентрично семејство кое вообичаено ги поминува летата на брегот… Оваа необична комедија со елементи на слепстик и бурлеска и со една од најнеобичните улоги на Жулиет Бинош на големото платно беше номиниранa за „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал во 2016 година. Почетокот на XX век го означува растежот на буржоазијата, индустријата, капитализмот и, оттука, засилената класна борба, а филмот на Димон е токму за овој втемелувачки наратив на нашата ера. За режисерот филмот е „друг и можеби поинтересен начин да се создава филозофија“ дисциплина којашто нашироко ја проучува за време на студиите кога се фокусира на Естетиката на филмот и ја пишува тезата „Филозофија и естетика на андерграунд филмот”.

 

Вечерта ќе заврши со неформално дружење во кафе бар Мартини со SILENT SPRING QUARTET (Дени Омерагиќ /контрабас/, Нинослав Спировски /кларинет, тенор саксофон/, Мартин Георгиевски /електроника, гитара/ и Владимир Мартиновски /тамбура, кавал, удиралки/) и нивните амбиентални џез импровизации.

 

 

 

Вчера вечерта, во Ревијалната програма филм-философија беше прикажан британско/американскиот филм ДЕЦА НА ЧОВЕШТВОТО на мексиканскиот режисер Алфонсо Куарон. Подоцна следуваше излагање на тема: „Children of Men: Anthropocene’s ‘Père-version’; Patriarchy’s Demise“, на гостинката на Фестивалот од Институтот К.Г. Јунг од Швајцарија, Габриела Калчи Новати. Интерпретацијата на Калчи Новати се концентрира на антропоценот како шеста епоха на екстинкцијата во која супремацијата на човекот е исклучително влијателен обликувачки фактор на природата и на планетата Земја. Во дискусијата со публиката се отворија прашањата за улогата на религијата, за модусите на една можна иднина на човештвото и за насушно потребната етичка револуција, за релацијата меѓу литературното дело и филмското остварување итн…

Вечерта (во 21:30) беше прикажан последниот филм од компетитивната селекција на долгометражни филмови, СТИКС на Волфганг Фишер. Филмот што беше еден од трите LUX Prize финалисти на Европскиот парламент во 2018 година, се приклонува кон строгиот естетски минимализам и упатува ургентен повик за будење на светот што сè повеќе запаѓа во рамнодушност и во отсуство на емпатија.

Related Post