Интервју со Дејвид М. Ларсон

ШТО АКО СВЕТОТ БЕШЕ ПРОЅИРЕН?

Интервју со Дејвид М. Ларсон, специјалист за Филозофија за деца од Данска

ФИЛОЗОФСКОТО ДРУШТВО НА МАКЕДОНИЈА ВО РАМКИТЕ НА ЕДУКАТИВНАТА ПРОГРАМА НА 8. ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ (ФФФ), ЗА ПРВ ПАТ КАЈ НАС ОТВОРА ПРОЗОРЕЦ КОН ОБЛАСТА ФИЛОЗОФИЈА ЗА ДЕЦА. ФИЛОЗОФИЈАТА ЗА ДЕЦА Е ДИСЦИПЛИНА КОЈАШТО ВО СВЕТСКИ РАМКИ ЗАБРЗАНО СЕ РАЗВИВА ПОСЛЕДНИТЕ ГОДИНИ (ВО ГОЛЕМА МЕРА ПОД ПОКРОВИТЕЛСТВО НА УНЕСКО) И Е ОТЕЛОТВОРУВАЊЕ НА НАПОРИТЕ ЗА РАЗВОЈ НА КРИТИЧКОТО И КРЕАТИВНОТО МИСЛЕЊЕ КАЈ ДЕЦАТА УШТЕ ВО „ПРВАТА ФИЛОЗОФСКА ДОБА“, Т.Е. КОГА ОТВОРЕНОСТА И ЉУБОПИТНОСТА КОН СВЕТОТ Е НАЈСИЛНА.

ТАКА, ВО ОВОЈ ДЕЛ ОД ПРОГРАМАТА НА ФЕСТИВАЛОТ, ВО МАКЕДОНИЈА ЌЕ ГОСТУВА М-Р ДЕЈВИД М. ЛАРСОН (DAVID M. LARSSON), ФИЛОЗОФСКИ СОВЕТНИК И ПРАКТИЧАР ОД ДАНСКА. ЛАРСОН Е ЧЛЕН НА НЕПРОФИТНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА „СОБА ЗА МЕЧТАЕЊЕ“ (RUM FOR UNDREN / ROOM FOR WONDER) КОЈА ГО ПРОМОВИРА СОКРАТОВИОТ МЕТОД И КРИТИЧКОТО МИСЛЕЊЕ ВО ГРАДИНКИТЕ И УЧИЛИШТАТА ШИРУМ ДАНСКА. ВО СЕГМЕНТОТ НАРЕЧЕН „ФИЛ(М)ОСОФИЈА ЗА ДЕЦА“ (ВО ПЕРИОДОТ ОД 11-ТИ ДО 15-ТИ АПРИЛ), ЛАРСОН ЌЕ ОДРЖИ ТЕОРИСКО ПРЕДАВАЊЕ, РАБОТИЛНИЦА ЗА НАСТАВНИЦИ, СТУДЕНТИ И МЛАДИ ИСТРАЖУВАЧИ, КАКО И ПРАКТИЧНА ДЕМОНСТРАЦИЈА НА МЕТОДИТЕ ЗА НАСТАВА ПО ФИЛОЗОФИЈА ЗА ДЕЦА СО УЧЕНИЦИ ОД ВТОРО И ТРЕТО ОДДЕЛЕНИЕ. НЕПОСРЕДНО ПРЕД ФЕСТИВАЛОТ ТОЈ НЀ ПОЧЕСТИ СОГЛАСУВАЈЌИ СЕ СО НЕГО ДА НАПРАВИМЕ ИНТЕРВЈУ ВО КОЕ ОДГОВОРИ НА НЕКОЛКУ ПРАШАЊА ПОВРЗАНИ СО НЕГОВАТА ДЕЈНОСТ ОД ОБЛАСТА НА ФИЛОЗОФИЈАТА ЗА ДЕЦА.

1. Филозофијата за деца е релативно млада образовна практика, која своите почетоци ги има во седумдесеттите години од минатиот век, и сѐ уште е мошне невообичаена за бројни образовни системи низ светот, вклучувајќи го и македонскиот. Можете ли да објасните што филозофијата за деца всушност е, и во што се состои нејзиното значење за развојот на поединецот и на општеството?

Филозофијата за деца се пројавува во многу различни облици, но во суштината на сите разновидни пристапи лежи темелното верување дека децата можат – и треба – филозофските прашања да ги промислуваат од најрана возраст. Што е љубовта? Што е пријателството? Што се слободата и правдата? Сите овие се прашања што децата можат да ги разберат и со кои можат да се поврзат на овој или оној начин, но и на кои честопати се во состојба да понудат сериозни одговори. Сепак, суштинската поента којашто треба да се има предвид е дека филозофијата за деца не се однесува на обидот децата да ги научиме што Платон, Кант или некои други големи филозофи од минатото мислеле за овие прашања. Главната идеја е на децата да им се помогне самите да размислуваат. Што се однесува пак до образовните придобивки, истражувањата покажуваат дека филозофијата за деца има позитивно влијание врз самодовербата и социјалните вештини кај децата, како и дека им помага да постигнат подобар успех во предметите како што се математиката и изучувањето јазици. Меѓутоа, она што јас лично го сметам за најзначајно, е дека филозофското промислување ги учи децата внимателно да се слушаат едни со други, да ги согледуваат нештата од различни перспективи и да донесуваат сопствени заклучоци. Има нешто речиси магично во набљудувањето на деветгодишно дете коешто ги преиспитува своите ставови и го менува мислењето, откако ќе се соочи со посилниот аргумент на својот соученик. Според мене, тоа се вештини што треба да ги поттикнуваме доколку сакаме да создадеме одговорни, рационални и обѕирни членови на заедницата.

2. Луѓето обично имаат тенденција да мислат дека филозофирањето е за некој редок вид луѓе кои се надарени, имаат големо знаење и животно искуство, па оттука широко е распространето мислењето дека децата не се способни да се занимаваат со филозофија. Како вие би се спротивставиле на ова општо прифатено гледиште?

Со оваа критика се имам сретнато и порано, и сметам дека таа својот корен го има во судирот на мислењата за тоа што е вистинската природа на филозофијата. Без да навлегуваме предлабоко во оваа дебата, сметам дека вреди да се потсетиме дека филозфијата изворно имала дијалошка природа и дека изникнала од нашата темелна желба да дознаеме зошто светот е таков каков што е. Овие елементи се присутни и кога практикувате филозофија со деца. Така што, кога луѓето велат дека децата не ги поседуваат потребните алатки за филозофирање, сметам дека ја превидуваат суштината, бидејќи никој не е во поблизок допир со основната филозофска зачуденост отколку што се тоа малите деца. Помислете само на сите оние прашања што едно петгодишно дете секојдневно ги поставува. Дури и Платон зачуденоста ја препознал како една од главните движечки сили на филозофските истражувања. Затоа, од оваа гледна точка, децата се многу подобри филозофи од повеќето возрасни.

3. Бидејќи низ кратката историја на филозофијата за деца веќе се имаат појавено бројни теоретичари, но уште повеќе и такви коишто практично ја применуваат (Липман, Метјус, Вартенберг, Марис, Бакли, Орд и многу други), постои и широка палета на методи посебно конципирани за практикување на филозофијата за деца. Кои се карактеристиките на методот (методите) што ги користите вие практикувајќи филозофија со деца?

За разлика од бројните постоечки методи кои акцентот обично го ставаат единствено врз вештините на критичко мислење, моите колеги и јас развивме метод кој цели кон будење на филозофската зачуденост кај децата. Една едноставна стратегија која често ја применуваме е многупати да го повториме прашањето „Што ако?“, за да ја раздвижиме нивната имагинација, па со таа цел развивме серија прашања кои намерно се формулирани така да бидат отворени за повеќе можни одговори. Неколку примери би биле: „Што ако светот беше проѕирен?“, „Што ако светот беше свртен наопаку?“, „Што ако бевте родени со очи на прстите на нозете?“ Главната поента е во тоа што на прашањата очигледно не може да се даде точен или погрешен одговор, па така тие ги поттикнуваат децата слободно да размислуваат за можните последици од таквите сценарија. Тоа обично ги води долу низ зајачката дупка на понатамошно филозофско истражување, коешто може да ги вклучи очигледните епистемолошки предизвици што би ги наметнало живеењето во еден, на пример, проѕирен свет. Повеќето наши вежби се наменети за учениците од основните училишта, кои со филозофијата се сретнуваат за прв пат. Па така, како еден општ принцип, ние сме навистина желни да им покажеме на децата дека низ филозофијата можат да се забавуваат, да бидат креативни, разиграни и да ја користат сопствената имагинација.

4. Вие магистриравте филозофија и јапонски јазик на Центарот за истражување на субјективноста при Универзитетот во Копенхаген, каде што специјализиравте феноменологија, филозофија на духот и зен-будистичка филозофија. Дали постојат некои врски помеѓу овие области на специјализација и филозофијата за деца, кои ве наведоа да се заинтересирате за неа, или можеби го обликуваа вашето разбирање и начинот на практикување на филозофијата за деца?

Тоа е добро прашање… Да бидам искрен, кога започнав да работам со деца, не бев во состојба да воочам некои очигледни врски помеѓу таа дејност и мојата специјализација. Сега, меѓутоа, почнувам да станувам свесен за извесни заеднички карактеристики коишто тие ги споделуваат. Сметам дека најважната од нив е улогата која ја игра интуитивното дејствување, како во зенот, така и во филозофијата за деца. Кога се наоѓате во училница полна со деца, ретко имате време да застанете и ригорозно да размислувате, па често морате да се потпрете врз својата интуиција за да бидете во можност да го изодите патот низ добрите и лошите аргументи, импровизациите и повремените дози на случајни мали глупости. Секогаш се обидувам неочекуваните моменти да ги искористам најдобро што можам. И токму тие ненадејни пукнатини во распоредот се она што обичниот час можат да го престорат во нешто на што децата уште долго ќе се сеќаваат.

5. Дали можете накратко да ги споделите со нас вашите искуства, предизвиците и тешкотиите со кои се соочувате додека ја воведувате филозофијата за деца во рамките на образовниот систем во вашата татковина, Данска?

Главниот предизвик со кој се соочувававме долго време беше просто неможноста луѓето да сфатат дека филозофијата за деца постои. За среќа, се чини дека јавноста и политичарите полека почнуваат да ги препознаваат личните, општествените и образовните придобивки на запознавањето на децата со филозофската рефлексија уште од најрана возраст. Пред нас е сепак долг пат, бидејќи, сега за сега, филозофијата не е задолжителна на ниту еден степен на образование во рамките на данскиот воспитно-образовен систем, што според мене, се разбира, претставува голема штета.

6. Какви совети би можеле да им понудите на сите оние кои се заинтересирани да започнат да практикуваат филозофија за деца во Македонија?

Пред сѐ, мојот совет би бил да се воспостави контакт со едно или повеќе училишта и да се започне со филозофирање од првиот ден. Изнајдете ги методите што одговараат на вашиот стил и темперамент. Потоа, би препорачал да се обратите на некои од бројните организации низ светот коишто веќе напорно се трудат да ја интегрираат филозофијата во своите воспитно-образовни системи. Моето искуство покажува дека можете да се обратите речиси каде било на планетата и да сретнете луѓе што ја практикуваат филозофијата за деца и кои со радост ќе ги споделат своите искуства. Третата и последна работа е да продолжите посветено да работите дури и кога непосредните резултати навидум отсуствуваат. Тој труд секогаш има позитивно влијание. Јас барем не можам да замислам поцелесообразна дејност од тоа на децата да им се покаже дека нивното мислење е значајно.

Интервјуто го водеше: д-р Мартин Поповски