АНДРЕЈ РУБЉОВ на Тарковски (12.06)

АНДРЕЈ РУБЉОВ (Andrei Rublev / Андрей Рублёв, 1966)

12 јуни (сабота), 20:00 ч.
Летно кино „Мирно лето“ (Kинотека) / Скопје
+ воведно излагање на д-р Атанас Чупоски, филмолог и автор на книгата „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски“
(може да се преземе како е-книга на сајтот на Кинотеката: https://tinyurl.com/hcjd48kj)

13 јуни (недела), 15:00 ч.
„Киноверзум“, Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин“ / Свети Николе

AНДРЕЈ РУБЉОВ е биографско-историска драма заснована на животот на познатиот руски иконописец од 15 век. Во 15 век руските земји минуваат низ турбулентни времиња, растргнати од татарската инвазија и борбата за превласт помеѓу руските принцови (болјари). Во такво опкружување, Андреј Рубљов, монах и иконописец, се обидува да проникне во суштината на уметноста и на верата, ги разгледува можноста и потребата да твори во услови на репресија и неправда, размислува за улогата на индивидуалецот, заедницата и власта во создавањето на духовна и епска уметност…
Рубљов ја доживува несреќата да биде сведок на еден масакр од страна на Татарите врз недолжното население и врз свештенството, во крајна нужда е приморан и да убие, и тој пораз на човечкиот ум и дух ќе го доживее и како свој пораз. Toj решава да се самоосуди на молк и да престане да комуницира со луѓето. По долга изолација се враќа меѓу луѓето и ќе биде изненаден од талентот на младиот конструктор на џиновската камбана. Во тој период ја насликал својата позната икона „Света Троица”. AНДРЕЈ РУБЉОВ бил долго време забранет од советските власти кои жестоко го обвинувале Тарковски за идеолошка и естетичка субверзивност. Во 1969 г. ја освојува наградата FIPRESCI на филмскиот фестивал во Кан.

 

      

 

АТАНАС ЧУПОСКИ е писател и режисер, доктор на филолошки науки. Вработен е како филмолог-советник во Кинотека на Македонија, сценарист и режисер е на седум документарни и еден кусометражен игран филм. Автор е на дваесетина ТВ-емисии во продукција на МРТ и стотина радиоемисии во продукција на Канал 103 и Радио Равел. Автор е на четири книги и над стотина книжевни и филмолошки студии, есеи, песни, раскази и публицистички текстови. Професор е по Историја на филм и Теорија на филм на Универзитетот Еуропа Прима. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и Друштвото за компаративна книжевност на Македонија.

 

АПСТРАКТ на книгата
Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски

Основен предмет на ова истражување, преку компаративно,
интердисциплинарно вкрстување на методите на итокритиката, наратологијата, филмската теорија и православната христијанска аскетика, се христијанските слики и симболи актуелизирани во филмовите на Андреј Тарковски, и спецификите на неговото филмско раскажување. Во воведниот дел се објаснети методолошките одредници со чија помош е извршенa анализа, дескрипција и интерпретација на филмските текстови: методите на митокритика и митоанализа, концептот на симболичка имагинација, термините симбол и слика, основите на теоријата на раскажувањето и спецификите на филмската нарација; елементите на режисерската поетика на Тарковски: времето, ритамот, монтажата, мизансценот, композицијата на кадрите, постојаните симболи, иницијациските сценарија итн.; неговиот однос кон уметноста и духовноста. Во аналитичкиот дел се анализирани филмовите:
„Андреј Рубљов“, „Сталкер“ и „Жертвопринесување“. Поентата на овој текст е да допре до сржта на создателниот чин во филмската уметност на Тарковски.

 

ТРЕЈЛЕР:

Related Post