Доделени „Златните бувови“ за 2018

 

ГРАЃАНИНОТ / 𝐓𝐇𝐄 𝐂𝐈𝐓𝐈𝐙𝐄𝐍 на Роланд Враник (Roland Vranik) – Најдобар долгометражен филм според жирито

Вилсон е Африканец кој живее во Будимпешта. Дошол во Унгарија како политички бегалец и сака да стане унгарски државјанин, но неколку пати по ред не успева во тоа. ГРАЃАНИНОТ го отвора прашањето за местото и статусот на поединецот – граѓанин во една земја (матична или туѓа) или во светот воопшто. Што значи да се биде граѓанин денес?
Филмот на суптилен начин го поставува ова прашање, во време кога, од една страна, сè повеќе се универзализираат еднаквоста, слободата и граѓанството, но од друга страна, се соочуваме со безбројни пречки на патот да се биде или да се (о)стане граѓанин денес.
ГРАЃАНИНОТ на унгарскиот режисер Роланд Враник е добитник на наградата за Најдобро сценарио на Фантаспорто филмскиот фестивал во Порто, Португалија.

 

КРАЈ МЕНЕ / 𝐁𝐄𝐒𝐈𝐃𝐄 𝐌𝐄 на Теди Некула (Tedy Necula) – Најдобар долгометражен филм според публиката

Подземната железница во Букурешт е блокирана во утринските часови, само еден ден по ужасниот пожар во еден од ноќните клубови на главниот град со голем број починати или поврдени млади луѓе. Овој инспиративен филм на младиот романски режисер Теди Некула, на кој истовремено може да се гледа и како на социјален експеримент, претставува алегориска приказна за самиот свет и за односите во него. Луѓето тргнати на пат почнуваат да разговараат еден со друг. Што се случува кога времето, магично или механички, ќе застане за еден момент… или за половина час? Кога другиот сум јас, а јас сум другиот и кога времето „изгубено“ може да се претвори во време „добиено“ (пријател, искуство, разговор). На крајот на патот претворен во патешествие, некој излегува променет.

КЛУКАЈДРВЦИТЕ ОД РОТА / 𝐓𝐇𝐄 𝐖𝐎𝐎𝐃𝐏𝐄𝐂𝐊𝐄𝐑𝐒 𝐎𝐅 𝐑𝐎𝐓𝐇𝐀 на Пуџа Гурунг и Бибхусан Баснет (Pooja Gurung & Bibhusan Basnet) – Најдобар краткометражен филм според жирито

Добитник на специјалната награда од жирито за кинематографија на филмскиот фестивал Санденс 2017 и номиниран за најдобар краток филм на Венецијанскиот филмски фестивал 2016, Клукајдрвците од Рота е импресивен визуелен портрет на последните жители во висорамнините на далечниот Непал и нивната дилема: да останат со своите спомени, или (и тие) да си заминат.


ТИШИНАТА / 𝐓𝐇𝐄 𝐒𝐈𝐋𝐄𝐍𝐂𝐄 на Али Асгари и Фарнуш Самади (Ali Asgari & Farnoosh Samadi) – Специјално признание за краткометражен филм од жирито

Фатма и нејзината мајка се курдски бегалци во Италија. При посетата на лекар, таа мора да ѝ преведува на мајка си, но егзистенцијалниот страв што се раѓа се скаменува на усните на малата Фатма. Филмот беше во конкуренција за Златната палма за краток филм на Канскиот филмски фестивал во 2016 година.


𝐌𝐎𝐃𝐄𝐑𝐍𝐄 𝐊𝐔𝐍𝐒𝐓 на Марко Шантиќ (Marko Šantić) – Најдобар краткометражен филм според публиката и Специјално признание за краткометражен филм од жирито

Со својата форма, енергија и симболика, новата изложба започнува да го вознемирува „хармоничниот“ брак на Бојан. Комична приказна за брачна криза пренесена низ призмата на современата уметност.