Проекција на Средношколска видео лектира и Конкурс за есеј

Драги пријатели на мудрата мисла и убавите подвижни слики, мерак ни е да ви соопштиме дека и оваа година Филозофскиот Филмски Фестивал ќе ја задржи традицијата од минатите години. Своето најново, 8-мо издание ќе го отвориме со Едукативната програма (ЕП) на ФФФ – проекцијата на т.н. Средношколска видео лектира, сегмент од ЕП наменет за средношколците од Република Македонија. Соработката во овој сегмент годинава ја чинат Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Кинотеката на МакедонијаУниверзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, Младинскиот Културен Центар во Скопје, Македонско-американската алумни организација и издавачката куќа „Аз-Буки“. Во рамките на нашата едукативна програма на овогодишното издание на ФФФ, ученици од вкупно 16 македонски гимназии (од Скопје, Гевгелија, Битола, Велес, Неготино, Свети Николе, Радовиш, Охрид, Богданци, Куманово и Штип) ќе имаат можност да уживаат во култниот вестерн „Човекот кој го застрела Либерти Валанс“ (1962) од режисерот Џон Форд, a потоа ќе добијат шанса да ја изразат својата пишувачка креативност преку есеј на филозофска тема со наслов ЛИБЕРТИ ВАЛАНС: ПРАВОТО НА СИЛАТА ИЛИ СИЛАТА НА ПРАВОТО?. Авторите на најдобрите три есеи ќе бидат наградени со стипендии, филозофска и филмска литература, финансиски награди и ДВД изданија од македонски филмови.
На драго срце изразуваме огромна благодарност до ФЗФ при УКИМ, Кинотеката на Македонија, ЕФТА, МКЦ, МААА и „Аз-Буки“, кои со својата несебичност и срдечност помагаат во организацијата на овој програмски дел од едукативната програма на ФФФ. Средношколците со нетрпение ги очекуваме на 15 февруари (четврток), во 17:30 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје. Претходно, дел од учениците ќе имаат можност да ја посетат Кинотеката на Македонија и, заедно со вработените од македонскиот храм на филмот, да го откријат Филмскиот архив на Република Македонија. Средношколци, се гледаме! 

Фотографиите од настанот се наоѓаат тука.