„ДЕЦА НА ЧОВЕШТВОТО“ и „СТИКС“ на седмиот ден на 9. ФФФ

ОСВРТ КОН ШЕСТИОТ И НАЈАВА НА СЕДМИОТ ДЕН НА 9. ФФФ

Вчера вечерта со прикажување на 10 филмови од различни земји од светот заврши компетитивната програма на краткометражните филмови на 9. Филозофски Филмски Фестивал. Меѓу нив присутната публика можеше да види и два македонски филма – КОГА НÈ НЕМА, на Стефан Палитов и ПОЧЕТОКОТ, на Агим Абдула. Во Официјалната селекција за наградите „Златен був“ од публиката и жирито (д-р Габриела Калчи Новати, м-р Наум Трајановски и Иво Бару) оваа година се вкупно 19 краткометражни остварувања. Претходно, ревијално беше прикажана и филмската етида ОСАМЕНОСТ на Мирослав Илиќ креирана во рамките на Работилницата за филозофија и филм на Фестивалот со проф. д-р Стефан Сидовски.

 

Во делот од компетитивната селекција на долгометражни филмови беше прикажано дебитантското остварување на турскиот режисер Осман Наил Доган, КРАДЦИ НА ГУЛАБИ. На непосреден, топол и полн со емпатија начин, Доган ја пренесе на публиката приказната за пријателството и младешките страсти, погледната низ специфичната призма на културата на живеење во Анадолија.

 

Денес на програмата на седмиот, претпоследен ден од ФФФ се три настани. Во Придружната програма (во 11:00) на Филозофскиот факултет (Предавална 8) ќе се одржи предавање на проф. д-р Дејвид Сорфа, програмски директор на магистерските студии по филм на Универзитетот во Единбург и главен и одговорен уредник на најзначајното списание во светот од областа на филмфилософијата, „Film-Philosophy“. Предавањето е од отворен карактер и професорот Сорфа ќе зборува на тема: „Film-Philosophy after Jacques Derrida“.

 

 

Во 18:30 во рамките на Ревијалната програма филм-философија ќе се прикаже филмот ДЕЦА НА ЧОВЕШТВОТО од Алфонсо Куарон, како предлошка за излагањето на специјалната гостинка од Институтот К.Г. Јунг од Швајцарија, д-р Габриела Калчи Новати. Новати ќе има излагање на тема: „Children of Men: Anthropocene’s ‘Père-version’; Patriarchy’s Demise“, односно ќе го отвори прашањето на антропоценот како визура на дистопијата на мексиканскиот режисер.

 

 

 

Вечерта (во 21:30) ќе биде прикажан последниот филм од компетитивната селекција на долгометражни филмови, германско-австриската копродукција СТИКС на Волфганг Фишер. СТИКС ја отвори Panorama секцијата на 68. Берлински филмски фестивaл, а беше и еден од трите LUX Prize финалисти на Европскиот парламент во 2018 година. Филмот го вперува погледот кон индивидуалната и колективната одговорност, или поточно, индиферентноста кон другите луѓе во неволја, во случајот мигранти во бродолом на отворено море.

 

 

Related Post